Гранпри за претставата „Одисеј“ на Драмскиот театар од Пловдив
На 19. ИФАД „Стоби 2022“
Гранпри на 19. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2022“ за најдобра претстава во целина синоќа на свеченото затворање во Велес беше доделена на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, во режија на Диана Добрева, а во продукција на Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.
Како што соопшти жири-комисијата која едногласно ги донела одлуките за наградените, претставата „Одисеј“ демонстрира завидно единство помеѓу поетиката на драмскиот текст, амбициозниот концепт на режисерката, колективниот потенцијал на театарот, како и техничките и продукциските квалитети на истиот, притоа создавајќи целосно театарско доживување на античкиот мит, кое допира до гледачот на повеќе рамништа.
Режисерката на „Одисеј“, Диана Добрева, пак, ја доби награда за најдобра режија. Во соопштението од жири комисијата се појаснува дека режијата во претставата „Одисеј“ умешно и елегантно ги преплетува текстуалното и визуелното, телесното и звучното, индивидуалното и колективното, епското и лирското, со што, ги надминува границите на она што во теоријата се определува како „драмски театар“ и креира еден геометриски прецизен театарски чин, кој, кореспондира со традициите на европскиот театар на 20-от век и ги осовременува на начин кој непречено и непосредно комуницира со современиот гледач на 21-от век.
Наградите за најдобра женска и машка главна улога ги добија Јелена Ѓукиќ за улогата на Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ за улогата на Агамемнон во претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, продукција „Корифеј театар“, ЦК Колашин и ЦК Бјело Поље, Црна Гора.
Во образложението од жири комисијата, се посочува дека Јелена Ѓукиќ го гради ликот на Клитемнестра со неверојатна вештина суверено владеејќи со своите емотивни, гласовни, физички и умствени актерски способности. Умешно го следи режисерскиот концепт за во него да изгради сопствена актерска автономија воспоставувајќи потполна контрола врз дејствието.
-Ѓукиќ создава навидум ладна и рационална кралица која се покорува на Агамемновиот авторитет, но нејзиниот емотивен внатрешен набој на мајка која мора да ја жртвува сопствената ќерка, блеска како болка од сцената создавајќи емотивна конекција со гледачот. Иако млада актерка, Ѓукиќ на сцената делува безвремено и плени со нејзиниот шарм, убавина, духовност и неприкосновени актерски перформанси – посочуваат од жирито.
Награда за најдобра машка улога ја понесе Ѓорѓе Татиќ за улогата на Агамемнон, во претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, продукција „Корифеј театар“, ЦК Колашин и ЦК Бјело Поље, Р. Црна Гора.
Од жири-комисијата за Ѓорѓе Татиќ наведуваат дека тој го оживеа ликот на Агамемнон со силно чувство за модерен пристап кон градењето на улога во новите естетски театарски форми.
-Своето актерско искуство го искористи во пласирање на дикциски совршено говорење на стихот и со силниот идивидуалитет ги поврзува останатите актери/ликови во амалгамот наречен „ Ифигенија“. Татиќ суровиот Агамемнон го трансформира од бахат господар во тиранин за на крајот на дејствието да влезе во молк кој ечи. Софистицираниот пристап кон градењето на улогата ја потенцира големината на актерскиот персоналитет на Татиќ кој ни донесе нов, силен, модерен, моќен и авторитативен Агамемнон – стои во образложението.
Во чест на наградените свој настап синоќа на сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ имаше Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, на музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго и либрето на Сашо Димоски.
Comments