top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Градина“ – самостојна изложба на Ервин Ќатовиќ во „Мала станица“

На 17 ноември во „Мала станица“, со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Градина“ на Ервин Ќатовиќ, ликовен уметник и професор од Србија.

На отворањето пред публиката ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и кураторката Маја Крстевска. Изложбата содржи дваесетина слики во техника акрил на платно, изработени повеќето во период од 2022/23 година и неколку дела од постариот творечки опус.

-Самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, насловена „Градина“, за првпат ни го открива неговиот импозантен творечки опус. Лирскиот апстракционизам во комбинирана техника, преку наплив на колоритен израз, ни го фокусира погледот во длабочината на насликаното платно. Темата ни ја предава со композициско значење и живописно нѐ води во креативната сензација на реалниот свет. Тоновите се движат во богата палета на светли и темни, од нијанси на темнокафени, бургундско црвени до масивни нијанси на јарко црвени тонови, нијанси на жолта и смарагдна до виолетова боја. Формите во композициите се налик на емоционален или интинуитивен образец, со паралелна разновидност. Сликарството во оваа „Градина“ на Ќатовиќ ни ја доближува неговата природа на радост, топла лирика и емпатија, каде преку јазикот на уметничкиот израз ја обликува општата идеја на условно асоцијативните рефлексии, посочуваат од Националната галерија.

Ервин Ќатовиќ e роден 1966 во Приштина. Редовен професор е на Катедрата за уметност при Државниот универзитет во Нови Пазар (Србија), а од 1999 г. работи и како визитинг-професор на Педагошката академија во Белград. Има остварено над триесет самостојни изложби во регионот и пошироко, Берлин, Тиват, Подгорица, Нови Сад, Сараево, Сомбор, Ниш. Добитник е на признанија и благодарници од Српската Академија на науки и уметности во 2009 година.


1 view

Comments


bottom of page