Гостување на Државната опера од Пловдив со „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“
По успешниот настап на Националната опера и балет во Пловдив, Бугарија на 7 февруари, со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, Државната Опера од овој бугарски град гостува во Македонија. Гостите од Бугарија ќе се претстават пред македонската публика во Националната опера и балет, утревечер (17 февруари), со почеток во 20 часот, со балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“.
Балетските едночинки се од меѓународно признатиот водечки современ кореограф Раду Поклитару. „Долгата божиќна вечера“ e според истоимената драма на Торнтон Вајлдер и музика на Вивалди, а „Жени во Д-мол“ од Бах, е инспирирана од „Куќата на Бернарда Алба“ од Лорка. Сценограф е Андреј Злобин, костимограф Дмитро Курјата, а светло дизајнот е на Лена Антохина.
„Долгата божиќна вечера“ е балет-рефлексија за минливоста на животот, за суетните и бескорисни нешта со кои ги исполнуваме драгоцените минути, часови и години од нашиот престој на Земјата. Продукцијата ги следи деведесетте години од животот на едно аристократско семејство, минувајќи во серија божиќни вечери. Празник по празник, судбините на луѓето се раствораат во заборав како еднодневни пеперутки, не оставајќи ништо зад себе. Светлата, гротескна кореографија на музиката на Вивалди успева да допре до срцето на секој гледач и без морализирање, да го постави прашањето – по што се разликуваме од сценските ликови? Претставата „Долгата божиќна вечера“ на американскиот драматург Торнтон Вајлдер, добитник на Пулицерова награда, продолжува да биде на репертоарот на голем број драмски театри во Европа и САД, по неа е снимен филм и опера.
„Жени во Д-Мол“ е изведба проткаена со почит кон генијалноста на Ј. С. Бах. Раду Поклитару раскажува трагична приказна за непостоечко женско пријателство, кое служи само како изговор за расплетот на невообичаено сложени повеќефигурни композиции и продорни дуетни фрагменти.
Раду Поклитару е основач и главен кореограф на Киевскиот академски театар за модерен балет, почесен уметник на културата на Украина, Народен уметник на Молдавија, добитник на бројни европски меѓународни награди, професор на Катедрата за модерна кореографија на Националниот универзитет за култура и уметности во Киев. Покрај десетици претстави во Киевскиот модерен балет, низ годините поставува балетски продукции во театарот Бољшој, театарот Марински, Националните опери на Украина, Молдавија, Латвија, Белорусија, Чешка, Србија итн. Од почетокот на годинава Раду Поклитару е дел од тимот на Државната Опера од Пловдив.
Comments