top of page

“Госпоѓиците од Авињон“ и музиката на Калиопи… – нова балетска магија на Националната опера и балет

Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ нè носи на едно космополитско патување, задржувајќи ни го вниманието од првата до последната сцена со кореографијата и извонредната игра на балетските уметници, но и со моќната музика. За атрактивноста на оваа балетска приказна зборуваат и позитивните реакции на присутната публика на премиерната изведба, која со долг аплауз го награди тимот што работеше на овој балет, и особено извонредните балетски играчи, кои ни донесоа магија на сцената

Националната опера и балет на својот репертоар од завчеравечер има уште една атрактивна балетска претстава, „Госпоѓиците од Авињон“. Моќната музика создадена од Калиопи Букле на најдобар начин се вклопува со кореографијата на Олга Панго и либретото на Сашо Димоски. Иако вели дека за него било предизвик препишувањето на овој драмски текст на балетско либрето, сепак конечниот производ, балетот „Госпоѓиците од Авињон“ успешно ја доловува сликата за петте жени во животот на славниот сликар Пабло Пикасо. Секако, во претставата инспирирана од истоименото дело на Пикасо, ја видовме потрагата по љубовта, смртта и слободата.

Госпоѓиците од Авињон во претставата ги отелотворија, со извонредната балетска игра, Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова- Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и Христина Наќевска, кои настапија заедно со одличните Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи од Унгарија, Агим Бафтии и Ендру Кук од Англија.

Олга Панго, која е и режисер на претставата, Горан Божинов и Саша Евтимова направија впечатлива кореографија, а заедно со сценографските елементи на Валентин Светозарев вклопени во приказната, но и играта на светлото за кое беше задолжен Милчо Александров, костимите на Раде Василев и шминкaта на Златица Поповска, ни овозможија нова балетска магија.

Она со што целосно се сложуваме со драматургот Димоски е дека претставата е несекојдневно балетско доживување, наративот на говорот на телото се синтетизира со мултимедија од различен тип, кој е во директна комуникација со деветте музички целини што го обединуваат овој балет како едно севкупно балетско, односно уметничко доживување. На мултимедија и дизајн, пак, работеше Емил Петров.

Ова музичко-сценско дело нè носи на едно космополитско патување, задржувајќи го вниманието на публиката од првата до последната сцена. За атрактивноста на оваа балетска приказна зборуваат и позитивните реакции на присутната публика на премиерната изведба, која со долг аплауз го награди тимот што работеше на овој балет, и особено извонредните балетски играчи, кои ни донесоа магија на сцената. (Д.Т.)




 
 
 

Comments


bottom of page