„Горчлив шеќер“ – мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ
На 13 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој мултимедијален проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. „Горчлив шеќер“ е најновиот комплексен мултимедијален проект на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации што истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови. Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, како и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика), се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и на истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на својата целокупна творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми, од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многубројните протагонисти и различните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост. Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни, а работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Хана, Корнети, Алекс Букарски…). Во нивниот фокус се неизвесноста и игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција, има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од голем број кризи и егзистенцијална неизвесност. Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и консумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на автореференцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики, за да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст. Тој реализирал повеќе самостојни изложби во земјава и во странство. Добитник е на повеќе награди. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и од центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.
Comentários