Гордана Јовиќ-Стојковска избрана за нова претседателка на ДПМ
- Aleksandar Santovski
- Jun 18
- 1 min read
18.06.2026 Juni Cetvrtok
Во пријатна колегијална атмосфера во просториите на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје, членството на Друштвото на писателите на Македонија успешно го одржа своето редовно изборно Собрание, при што избра ново раководство.
Нова претседателка на Друштвото на писателите на Македонија е писателката Гордана Јовиќ-Стојковска, која ја доби поддршката од мнозинството членови на ДПМ присутни на Собранието (71).
За членови на новиот Управниот одбор на ДПМ се избрани досегашниот претседател Живко Грозданоски, заедно со другите членови: Петар Андоновски, Драгана Евтимова, Хана Корнети, Елизабета Јончиќ и Сеида Бегановиќ.
За нови членови на Судот на честа е избрана писателката Ирена Јурчева, поранешната претседателка на ДПМ Соња Стојменска Елзесер, како и авторите Диме Ратајкоски, Марина Мијаковска и Иван Антоновски.
„Сакам да им честитам на сите избрани, особено на младата екипа, на која особено ѝ се радувам. Верувам дека имаме многу добро конципирана изборна програма и дека успешно ќе соработуваме. Па и половина од замисленото да го направиме, соработувајќи во рамки на Друштвото, со особен обѕир кон членовите надвор од Скопје, како и од заедниците – ќе биде одлично.“ изјави новата претседателка на Друштвото во своето кратко обраќање до членството.
Новото раководство на Друштвото на писателите на Македонија треба наскоро да ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе избере потпретседател на Друштвото.











Comments