top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Горан Стефановски е мајстор раскажувач на нашата македонска приказна, но и на приказната за Европа

„Ние имавме мајстор раскажувач на нашата приказна! Токму тој, македонскиот автор чии драми и есеи се најпреведуваните во Европа. Со нив, на сцена, и овде, во македонскиот, и ширум европскиот културен простор, тој, без ни малку субјективност ја раскажа и покажа исткаената македонска приказна – кажа и покажа кои сме, зошто сме и што сакаме“. Овие зборови на Иван Антоновски, автор на „Идентитетот е приказна“ – книга која детално го анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски, одекнаа на вчерашниот настан кој токму во чест на бардот на македонската драма, и во организација на Делегацијата на Европската Унија и „Јуроп хаус“, се реализираше во Дебар Маало кај клупата на Горан Стефановски

„Сите копнееме да ја ткаеме и знаеме нашата приказна и затоа бараме мајстор раскажувач, велеше нашиот Горан Стефановски. Ние имавме мајстор раскажувач на нашата приказна! Токму тој, македонскиот автор чии драми и есеи се најпреведуваните во Европа. Со нив, на сцена, и овде, во македонскиот, и ширум европскиот културен простор, тој, без ни малку субјективност ја раскажа и покажа исткаената македонска приказна – кажа и покажа кои сме, зошто сме и што сакаме“. Овие зборови на Иван Антоновски, автор на „Идентитетот е приказна“ –книга која детално го анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски, одекнаа на вчерашниот настан кој токму во чест на бардот на македонската драма Горан Стефановски и во организација на Делегацијата на Европската Унија и „Јуроп хаус“, се реализираше во Дебар маало. По повод 70 години од раѓањето на Стефановски, пораката од неговиот последен есеј „Искрата што се измолкнува“, објавен во книгата „Идентитетот е приказна“, на македонски и во превод на сите јазици на Европската Унија, испишана на рачно изработените сувенири, го красеа осветлениот парк кај неговата клупа. Во присуство на голем број почитувачи на Стефановски настанот го отвори евроамбасадорот Дејвид Гир.

„За разлика од многумина меѓу вас, јас не ја доживеав привилегијата да го запознам Горан Стефановски, меѓутоа се трудам да го надоместам загубеното време со тоа што на Јутјуб ги најдов и ги следам неговите предавања и интервјуа од кои едното е за Шекспир, а едното за Бекет. И дознав дека дел од неговиот опус се преведени и достапни на англиски јазик. И планирам кога за Божик ќе одам дома во Обединетото Кралство да поминам доста време запознавајќи го делото на најпознатиот македонски драмски писател. И колегите на работа од Европската делегација споделија со мене доста извадоци од неговите дела кои навистина се трогателни и оставаат голем впечаток. Меѓутоа, она во што јас најмногу се пронајдов е еден цитат кој се однесува на промената и патувањето, бидејќи со созревањето сфаќам дека тоа е многу важен и убав дел од животот“, истакна евроамбасадорот Гир. Тој пред присутните на македонски јазик го прочита цитатот на Стефановски: „Сè се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот!“.

Антоновски, пак, посочи дека Стефановски објективно ја раскажа и покажа не само нашата, македонска, туку и приказната за Европа.

„Всушност, Горан ги спореди и ги проткаја приказните. И успеа – ги поврза причините и последиците, ги симна маските и ни кажа каде сме исти, каде слични, а каде сосем различи. На сите кои сме дел од современата европска култура ни овозможи вистински, критички да се спознаеме себеси и да го спознаеме Другиот. Со тоа и ги протолкува знаците и ни понуди патокази – ни кажа како да ги ткаеме следните поглавја на приказните и како да ни се случи заедничка приказна без наратив на Ние и Тие, на големите и малите, на супериорните и инфериорните, на вредните и невредните. Зашто ни ги покажа вистинските вредности во кои треба да е втемелена секоја вистинска приказна и инсистираше на нејзината автентичност и снажност. И не еднаш предупреди дека „за да преживееме во суровиот свет, приказната мора да биде точна, втемелена во знаење и проникливост“, кажа Антоновски.

Тој посочи дека во 2023, дел од Горановите мини или нацрт-есеи, неговите „Конзервирани импресии“, во едно од изданијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ ќе бидат објавени на неколку европски јазици, во превод на семинаристи од повеќе европски земји. Една од тие конзервирани импресии, како што посочува, гласи: „Лесно се препознаваме во огледало. Како да се препознаеме во светот?“.

„Драг наш Горане, денес, заеднички порачуваме дека сфативме: и ние, и Европа во целина, вистински, без конкавни и конвексни огледала, во светот ќе се препознаеме одново продлабочено читајќи ги твоите драми и есеи. И на македонски јазик, и во превод на сите други европски јазици! Се надевам дека конечно вистински ќе ги разбереме и твоите пораки за вештачки инфериорната и супериорната Другост, барем кога станува збор за културата. Затоа што големите дела како твоето покажуваат дека таа вештачка поделба на супериорни и инфериорни не треба да постои. Искрено посакувам, „Искрата што се измолкнува“, последниот есеј со тестаменталните пораки на Горан Стефановски, меѓу кои е и пораката која денес одекнува на сите јазици на ЕУ, во целост објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“, да ни биде изворот на светлина во годината што е пред нас. За да сме на прав пат по кој заедничката приказна ќе ја продолжиме со нови, снажни и автентични, заеднички поглавја – со работа и одговорност, како што ни порачуваше Горан. И притоа да не заборавиме дека тој ни укажуваше: „ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна! И не само тоа: културата Е токму таа точна и снажна и автентична приказна.“ …“, додаде Антоновски.

Преводите на цитатот од „Искрата што се измолкнува“ на Горан Стефановски, кој гласи: ‘Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет’ се обезбедени во соработка со МСМЈЛК при УКИМ. (Д.Т.)





1 view

Comments


bottom of page