Големо враќање на драмскиот во однос на постдрамскиот театар
По премиерата на „Идиот“ на Андреј Цветановски во Нови Сад
Во Новосадскиот театар неодамна беше одиграна премиерата на претставата „Идиот“, во режија на македонскиот режисер Андреј Цветановски, работена по истоимената двотомна книга на неприкосновениот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски, според некои критичари најдобриот напишан роман во историјата на книжевноста. Режисерот во пресрет на премиерата посака неговата претстава да направи публиката да ја сфати чистотата на главниот јунак и да ги почувствува неговата љубов и добрина, а директорот на театарот, Валентин Венцел, по претпремиерата, изјави дека ова е големо враќање на драмскиот во однос на постдрамскиот театар. Во рецензијата објавена на порталот „Хочупозориште“, за време на повеќе од три часа гледање на претставата, која овој силен роман го преточува во театарско дејство, звуци, слики, движења, имате чувство дека пред очите ви е нешто многу, многу поголемо од вас самите (и самото книжевно дело и самиот театар). Се случува метајазик, метатекст, метатеатар – метафизика. – Би се рекло дека ова е приказна за свет полн со зло и валкани души, но тоа не е вистина. Тука се зборува за една чиста душа што личи на душа на дете. Ова е приказна за идиотот. Кнез Лав Николаевич Мишкин е оној што може да види зрак добрина во секој човек. Лице полно со верба… На сцената на сценографот Сергеј Светозарев, преполна со огледала, одрази, темни сенки, рамки низ кои се поминува, премини зад кои исчезнуваат и повторно се појавуваат луѓе (како духови), сѐ засилено со фантастичната авторска музика на Димитар Андоновски, владее меланхолија. Широката голема сцена на Новосадскиот театар е аристократска куќа или градина со голем број прозорци и врати што создаваат ефект на огледало – пишува порталот. Пред сѐ, пофалени се глумците на театарот, речиси целиот ансамбл, кои на книжевните ликови им ги подаруваат своите тела и души и кои сигурно никого не остават рамнодушен. Издвоена е четворката протагонисти: Габор Понг, Габриела Црнковиќ, Роберт Ожвар и Јудит Ласло.
– Приказната, како и претставата, е исклучително тешка. Стануваме свесни што се случува од другата страна на огледалото. Таму има бог, а не се само бездушни гримаси. Се игра со чад и оган, палење дебело купче пари, исполнување на воздухот со мистика, прашања чии одговори можеби не смееме да ги знаеме. Достоевски со својата длабока психологија на човековата душа нѐ води во свет (нема ништо пофантастично од стварноста) каде што сите луѓе се добри и затрупани со злоба. Новосадскиот театар нѐ враќа на класиците и традиционалниот театар. Габор Понго ја преиспитува нашата добрина. Режисерот, одејќи по трагите на книжевната предлошка, со претставата суптилно поставува голем број прашања за нашата душа. Постои ли некој што може да се поистовети со ликот на Лав Николаевич Мишкин? Постои ли таков идиот? Постои ли таков безгрешен човек? Вредни ли сме за сожалување? Има ли надеж за нас? Има ли вера во нас – прашува рецензентот на српскиот портал. „Идиот“ претставува ансамбл-претстава, во која играат 22 актери. Ова беше првата премиера во рамките на големата културна манифестација „Нови Сад – европска престолнина на културата“. Во Новосадскиот театар досега работеа неколку македонски режисери: Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Александар Поповски, како и Дејан Пројковски со „Ана Каренина“, која има над 20 награди. Во македонскиот дел од екипата се и сценографот Сергеј Светозарев, костимографот Благој Мицевски и Димитар Андоновски, кој ја напиша музиката.
Comentarios