Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на Охридско лето
Музичката програма на 62. Охридско лето продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“, со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица. Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата јутјуб-ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник што успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и во Азија. Валентина своето прво видео на интернет го објавува на „Јутјуб“ во 2007 година – снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахманинов. Прегледите на ова видео се зголемуваат прогресивно по што следуваат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните мрежи каква што дотогаш светот не памети. Благодарение на нејзината посветеност кон интернет-публиката, јутјуб-каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од речиси 75.000 прегледи дневно. Нејзината страница на „Спотифај“ има повеќе од милион слушатели месечно.
Comments