Голема пресметка во Париз
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
По двомесечна пауза и мечевите во групната фаза, со првите четири осминафинални дуели, вечерва и утревечер, продолжуваат возбудувањата во најквалитетното клупско европско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Во Париз, на стадионот „Паркот на принцовите“, вечерва ќе се сретнат ПСЖ, преполн со скапи ѕвезди предводени од Лионел Меси, со голема желба и амбиција првпат да ја освои титулата, и Реал Мадрид, „аристократот“ на европскиот фудбал и тринаесеткратен шампион. Сезонава ПСЖ се мачеше против тимовите што се брзи во контранападите, а Реал веројатно е меѓу најдобрите кога станува збор за брзата транзиција. Проблем за тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти, може да биде клучниот играч во нападот, Карим Бензема, кој поради повреда е под прашалник за овој меч. Во вториот вечерашен натпревар, Спортинг, кој по вторпат е во нокаут-фазата во ЛШ, по 2008/2009 година, кога беше декласиран од Баерн со 1-12 (0-5 во Лисабон и 1-7 во Минхен) го пречекува ланскиот финалист и еден од фаворитите за титулата, Манчестер сити. Тринаесет години подоцна, Спортинг ќе се обиде да стигне што подалеку, а првата пречка е Манчестер сити, кој деветта година по ред е во нокаут-фазата, а во последните четири сезони стигнуваше најмалку до четврт-финалето. Утревечер австриски Салцбург, дебитантот во оваа фаза, се среќава со Баерн Минхен, кој е без пораз на 21 гостински меч во Европа. Последен пат Баварците загубија од ПСЖ во Париз, 0-3 во сезоната 2017/2018, во групната фаза. Ливерпул, шесткратниот првак, ќе биде во невообичаена позиција, двапати во низа ќе игра меч на истиот стадион „Сан Сиро“, но против различни противници. Во групната фаза, во декември, Ливерпул го совлада Милан (2-1), а сега му гостува на Интер, трикратниот првак на Европа, кој за првпат по сезоната 2011/2012 е во осминафиналето.
ОСМИНАФИНАЛЕ
Денеска Спортинг – Манчестер сити ПСЖ – Реал Мадрид
Утре Салцбург- Баерн Минхен Интер – Ливерпул
Comments