Голем осмомартовски базар на македонски уметници и дизајнери
Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, од 4 до 8 март, „Скопје сити мол“ го организира големиот осмомартовски базар „За сите посебни дами во вашиот живот“. Билјана Тодороска од „Брило“, „Џули Декупаж“, „ЕКО восочна обвивка“, Елена Ристовска, „Смол писис оф џој“, „Глоу начурал“, Ксенија Котев, Маја Донева, Марта Пејоска, Карло Хорват, Шарено ќоше… се некои од дваесетината индивидуалци уметници што ќе ги претстават своите најнови уникатни колекции на рачно изработени производи, кои внесуваат колорит и радост во одбележувањето на Денот на жената.
– Креативци, со еклектичен накит, уметници што не се плашат да експериментираат, храбро конципираат, конструираат и компонираат иновативен накит од керамика, накит креиран во сутаж-техника, од епоксидна смола и полимерна глина. Сребрен накит изработен во традиционална филигранска техника, но со нетрадиционален дизајн, современ, модерен и елегантен. Преку филигранската техника, авторките ги раскажуваат своите приказни, на еден модерен и концептуален начин, низ моделирање на наративите од инспиративното секојдневие. На овој уникатен базар, некои од уметниците ќе се претстават и со чанти и модни додатоци изработени од кожа, трикотажен кабел, макраме конец, специфични видови свила и со еколошки восочни обвивки од памук и пчелин восок за повеќекратна употреба, како и природни и вегански козметички производи за нега и убавина на целото тело – велат организаторите на базарот.
Во рамките на базарот сo најнови производи за здрава и сјајна коса и нега на телото ќе се претстават и некои светски познати брендови.
Comments