Голем концерт во родниот Галичник за сто години од раѓањето на Александар Сариевски
Се навршуваат сто години од раѓањето на величествената славна македонска музичка легенда Александар Сариевски и по тој повод, на 15 јули годинава, ќе се одржи голем концерт во неговиот родно село Галичник, ноќ спроти манифестацијата „Галичка свадба“.
Сариевски основно образование завршил во родното место, а средното училиште во Скопје, кога и започнал да свири на хармоника. Во 1946 година, во Македонското радио ја снимил песната „А бре, невесто, око калешо“, кога почнува неговата богата и плодна музичка кариера. Тој е и композитор и текстописец на познатата песна „Зајди, зајди јасно сонце“, која се пее не само во Македонија туку и во целиот регион. Во своите песни, тој ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни.
Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Исто така, Сариевски е еден од основачите на ансамблот „Танец“, со кој постојано патувал низ светот, ширејќи го оригиналниот македонски народен мелос. Александар Сариевски најмногу е запаметен по интерпретацијата на следниве песни: „Зајди, зајди јасно сонце“ (автор), „Учи ме, мајко, карај ме“, „Јовано, Јованке“, „Море сокол пие“, „Дејгиди, луди млади години“, „Абер дојде, Донке“, „Зајко кукурајко“, „Кандисал Ајрудин-паша“ и многу други.
Почина на 19 декември 2002 година. Извонредниот пејач и композитор на песни Александар Сариевски e една од најголемите легенди на македонската музика. Тој беше пејач за кого со право народот вели дека се раѓа еднаш во сто години и чии песни вечно ќе зрачат со својот сјај. Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Како еден од основачите на ансамблот „Танец“, постојано патувал низ светот во благородна мисија за ширење на приказната за оригиналниот македонски народен мелос. Сариевски е еден од најголемите амбасадори на автентичната култура на македонскиот народ. В.Ѓ.
ความคิดเห็น