Голден Арт Аеродром по многу пресврти го совлада Металург
Синоќа во Скопје се одигра натпревар од 5. коло на Група Б во Првата ракометна лига, во кој младата екипа на Голден Арт Аеродром забележа триумф против тимот на Металург РА со резултат 33:30 (15:11).
Натпреварот започна со водство на гостите од 0:5 додека домашните не успеаја да постигнат гол во првите 8 минути од средбата. По тајмаутот на тренерот Филип Глигоров, работите се сменија и за кратко време Голден Арт Аеродром ја анулираше предноста и го превзема водството, кое во еден момент во првиот дел изнесуваше пет погодоци, но на пауза се замина со резултат 15:11.
Ваквиот тек на мечот продолжи и во вториот дел, за во 47 минута домаќинот да има предност од 9 погодоци при резултат 27:18, по што следуваше опуштање, кое гостите тоа го искористија за да ја намалат предноста на само два погодоци разлика. Сепак, на пресвртите им дојде крај и во финишот младиот тим на Голден Арт Аеродром осигура уште еден триумф против многу поискусен противник.
Најпрецизни во домашниот тим беа Бојан Гилев и Немања Џигероски со 8 погодоци, додека Петар Стојаноски постигна7. На голот на домаќините се истакна голманот Марко Трајков. Кај гостите Миле Бочкароски со 8 погодоци беше најдобар поединец.
Во следното 6. коло Голден Арт Аеродром гостува во Ресен кај екипата на Преспа, која им е директен конкурент на табелата за третото место, бидејќи во моментов и двата тима имаат по шест бода.
コメント