top of page

„Годишна изложба“ на ДЛУМ: Македонските уметници ја распослаа својата креативна енергија

„Годишната изложба како програмска изложба на ДЛУМ претставува значајна изложба за самото здружение бидејќи таа го презентира и претставува моменталното и најновото творештво на членовите. Пресек на различни генерации, стилови и изразувања“, истакна Јана Манева-Чупоска, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Таа посочи и дека годинава учество зедоа околу осумдесетина автори

Во Галеријата „Мала станица“ во Скопје, од завчеравечер е отворена „Годишна изложба“ со делата на членовите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Настан на кој јавноста може да ја види распослана целата креативна енергија на македонските уметници кои твореа во изминатите година дена. „Годишната изложба како програмска изложба на ДЛУМ претставува значајна изложба за самото здружение бидејќи таа го презентира и претставува моменталното и најновото творештво на членовите. Пресек на различни генерации, стилови и изразувања“, истакна Јана Манева-Чупоска, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Таа посочи и дека годинава учество земаа околу осумдесетина автори. „Значајно е да се забележи големиот број на млади уметници кои сега се дел од ДЛУМ како ново примени членови. Се забележува нивната енергија и желба да го претстават нивното творештво заедно со сите нас уметници од повеќе генерации пред македонската јавност“, додаде Манева-Чупоска.

Инаку, „Годишна изложба на ДЛУМ” претставува пресек на современата ликовна продукција на најголемиот број на членови на ДЛУМ.

„Изложбата е потполно хетерогена, со обединувачки карактер виден во мноштвото на различни ликовни дела. Значењето на оваа изложба е големо во ликовно – историски контекст, бидејќи овозможува директен преглед и разбирање на тековните интереси и активности на членовите на ДЛУМ. Таа е неселективна, со цел да ги прикаже актуелните ликовни стилови и техники, и да им овозможи на сите учесници, членови на ДЛУМ јасно согледување на своето место во ликовниот простор на Македонија во период од една година“, истакнуваат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Во рамките на изложбата, беа доделени и награди. Уметницата Гордана Вренцоска ја доби наградата за сликарство. Наградата за графика ја доби Иво Пецов кој живее и работи во Софија. Нела Јанковска е наградена за скулптура, додека наградата за млад автор ја доби Леон Тенев кој стана член на ДЛУМ на последниот објавен конкурс за нови членови.“ (Д.Т.)







 
 
 

Comments


bottom of page