Годинешниот 41. „Скопски џез-фестивал“ со извонредно возбудлива програма
Годинешниот 41. „Скопски џез-фестивал“ ќе се одржи од 13 до 16 октомври. Внимателно составената програма и годинава го имаше императивот за зачувување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Десет реномирани состави од САД, Бразил, Европа и од Македонија ќе музицираат во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар. Програмата, распоредена во четири вечери, е извонредно силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.
Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивниот концерт на ансамблот „Експлоудинг стар оркестра“, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек. Ова е единствениот настап на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово) со актуелната инкарнација на „Експлоудинг стар оркестра“, заслужна за ремек-делото „Дајменшнл стардаст“ од 2020 година. Ексклузивноста во Скопје ќе добие уште повеќе на тежина со придружбата на 20-члениот камерен оркестар на институтот „Фејмс“, изведувајќи заедно, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа пригода.
Истата вечер во МКЦ ќе музицира „Зулу 3.4“, современо инструментално трио од Скопје што го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Формирани се во 2018 година, водени од идејата преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички помагала да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко. Втората фестивалска вечер ќе ја одбележи, пред сè, специјалниот проект „Турија“ на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, авторка на неколку книги и духовна водачка Алис Колтрејн. Се покажа дека нејзината музика изврши огромно влијание во светот на џезот, но и пошироко. Што остана од нејзината повеќеслојна, брилијантна траекторија? Хамид Дрејк си зададе задача да одговори на ова прашање, потпирајќи се врз инспиративните сеќавања на големата уметница, како и врз неговиот исклучителен талент, блескав како и интернационалната екипа врвни музичари што го придружуваат во оваа прекрасна музичка посвета: Џејми Сафт, Сузана Сантош Силва, Јан Банг, Јошуа Абрамс…
Петочната програма продолжува во МКЦ каде што најпрвин ќе настапи новото, извонредно моќно, ноиз/фанкрок/саунд-арт трио „Абакаши“. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, оваа сосема нова инкарнација на класичната рок-постава гитара/бас/тапани претставува интензивна, наелектризирана и гласна звучна скулптура, со елементи на апстракција, ’ржечка бучава и прог-рок, во корелација со речиси танцовите гимнастички маневри на гитаристот при манипулирањето со низата подни контролни педали, вклучувајќи ги светлосните сценски ефекти. „Абакаши“ е несомнено еден од највозбудливите антижанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу.
Полноќниот концерт на домашниот џез-состав „Такси конзилиум“ ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти што гравитираат околу талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“. Создаваат џез каков што го посакуваат сите вистински трагачи по музички возбуди и авантури: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден.
Саботната вечер на претстојното издание на фестивалот ќе почне со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас. Искачувајќи го трнливиот пат од фавелите во североисточниот дел на Бразил до врвот, тој успеа со молскавична брзина да стекне статус на светска џез-икона. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега – албумот „Сахкофа“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил.
Супергрупата „Саптропик аркестра“, пак, на трубачот Горан Кајфеш e веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етиоџез и биг-бенд фанк-корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез-музичари. Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика.
Полноќната саботна програма ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – Њу фјучр сити радио. Двајцата еднакво одговараат за електронските делници, но секој посебно го презема водството кога е потребно, со своите специјалитети – Роб со трубата, а Дејмон со гласот. Нивната музика во еден миг може да зазвучи отворено бомбастична, а во следниот нежно емотивна, а најчесто е некаде во средината. Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара.
Последната вечер на 41. „Скопски џез-фестивал“ ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото „Тамбскру“. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на десетгодишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Мери Халворсон (гитара), Мајкл Форманек (бас) и Томас Фуџивара (тапани).
Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбарани (контра) басисти на светската џез и импро-сцена денес, Ингебригт Хакер Флатен, со својот нов проект „(Exit) Кнар“. „Кнар“ е тип брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од своите музички авантури.
Програмата на 41. „Скопски џез-фестивал“ ќе биде збогатена со премиерното прикажување на музичкиот документарец „Самер оф соул“, филмско деби-остварување на познатиот американски хипхоп-артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кое освои „оскар“ и „греми“ оваа година. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2022 година.
Comments