top of page

Годинава се воспоставува фестивал на детски театри во чест на Игор Маџиров

Updated: Apr 1, 2022

31.03.2022 Mart Cetvrtok

Театарот за деца и младинци оваа година ќе воспостави Интернационален театарски фестивал на детски театри, именуван според македонскиот актер Игор Маџиров.

„По 32 години успешна работа, со многубројни меѓународни награди и признанија, со неколку рекордни изведби на претстави во нашиот театар, сакавме да ја продолжиме нашата успешна приказна, создавајќи го и овој фестивал, чија цел е промоција на детски претстави работени од наши колеги од светот“, посочува Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.

Првото издание на Интернационалниот театарски фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври 2022 во Скопје. Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум награди за кои ќе одлучува интернационална жири-комисија, составена од три члена. Наградите кои ќе се доделуваат се: Гран-при награда за најдобра претстава во целина, како и наградите за најдобра режија, за најдобра машка и женска улога, за најдобра сценографија, за најдобра костимографија и специјална награда. За главната натпреварувачка програма ќе одлучува Селекторот, во соработка со Уметничкиот совет на фестивалот. Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.

Како што најавија од Театарот за деца и младинци, во тек е отворен конкурс за доставување пријави за учество, на веб-страницата на оваа национална институција. Право на учество имаат домашни и странски професионални ансамбли кои творат во областа на детскиот театар.

„Иницијативата за основање на овој фестивал е мотивирана од желбата на колективот на Театарот за деца и младинци, а истата е продолжение и на т.н. Балкански куклен фестивал, што во раните 90-ти години беше организиран од нашиот театар во соработка со сите други регионални театри. Среќни сме што сите овие аспекти беа препознаени и од Министерството за култура, кое оваа година го поддржа овој проект во програмата за проекти од Национален интерес во културата. Веруваме дека фестивалот ‘Игор Маџиров’, ќе ја збогати културната понуда во нашата земја и во иднина ќе биде престижен фестивал со традиција, чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, како основен естетски и едукативен потенцијал за нашата детска публика“, додава Илиевска-Силјановска.



 
 
 

Comments


bottom of page