top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Година на рекорди на Ѓоковиќ

08.11.2021 Noemvri Ponedelnik

ТЕНИС

Новак Ѓоковиќ повторно испиша тениска историја, откако во саботата рекорден седми пат го обезбеди првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на крајот на една календарска година, пишува АТП на својата интернет-страница. Тој досега во оваа категорија беше израмнет со Пит Сампрас од САД. Со победата над Хуберт Хуркач од Полска со 2-1 во сетови во саботното полуфинале на мастерс-турнирот од серијата 1.000, во Париз (Франција), српскиот тенисер сега е осамен лидер на оваа листа, разделувајќи се од Сампрас, кој заврши шест последователни години како број 1 во светскиот тенис, од 1993 до 1998 година. – Едноставно сум горд и исклучително среќен. Очигледно тоа беше една од најголемите цели и секогаш е една од најголемите цели, да се обидам да бидам број 1 и да ја завршам годината како број 1. Да го направам тоа по рекорден седми пат и да го надминам мојот идол од детството и пример, Пит, е неверојатно. Многу сум благодарен, многу благословен што сум на оваа позиција – рече Ѓоковиќ, пренесе АТП. Ѓоковиќ седум пати во изминатите 11 години е на врвот на АТП-листата на крајот на една календарска година, и тоа прво во 2011 година, а потоа и во 2012, 2014, 2015, 2018, 2020 и во 2021 година. Ѓоковиќ (34) го зголеми и својот рекорд како највозрасен тенисер што завршил како број 1 на крајот на една година. Во 2021 година тој победи на три гранслем-турнири (на Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз и на Вимблдон во Лондон) и играше во финалето на четвртиот (на САД опен во Њујорк), на 8 март годинава го надмина рекордот на Швајцарецот Роже Федерер од 310 недели како број 1 на АТП-листата (во моментов Ѓоковиќ 345 недели е на врвот на таа листа), со трофејот на Ролан Гарос во јуни стана првиот тенисер во т.н. опен ера со барем по два триумфа на секој од четирите гранслем-турнири, со шестата титула на Вимблдон во јули се израмни со по 20 гранслем-титули со Федерер и со Шпанецот Рафаел Надал…

АНДРЕА ГАУДЕНЦИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АТП „Продолжува да ја редефинира извонредноста во нашиот спорт“

Завршувањето на сезоната како број 1 е монументално достигнување. Да се направи тоа седум пати, во оваа неверојатна ера на машкиот професионален тенис, е тешко да се опише. Новак Ѓоковиќ заслужува огромно признание што продолжува да ја редефинира извонредноста во нашиот спорт, од година на година. Нему и на неговиот тим им честитаме на ова извонредно ново достигнување, рече Андреа Гауденци, претседател на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).

БРОЈ 1 НА АТП-ЛИСТАТА НА КРАЈОТ НА ГОДИНАТА

Новак Ѓоковиќ (Србија) 7 Пит Сампрас (САД) 6 Џими Конорс (САД) 5 Рафаел Надал (Шпанија) 5 Роже Федерер (Швајцарија) 5 Џон Мекинро (САД) 4 Иван Лендл (Чешка) 4 Бјорн Борг (Шведска) 2 Стефан Едберг (Шведска) 2 Лејтон Хјуит (Австралија) 2 Илие Настасе (Романија) 1 Матс Виландер (Шведска) 1 Џим Куриер (САД) 1 Андре Агаси (САД) 1 Густаво Куертен (Бразил) 1 Енди Родик (САД) 1 Енди Мареј (В. Британија) 1


2 views

Comments


bottom of page