Главно мирен зимски преоден рок, со најава за еден рекорд
27.01.2022 Januari Cetvrtok
ФУДБАЛ
До истекот на зимскиот преоден рок за фудбалери остануваат уште неколку дена (трае до 31 јануари), но засега изостануваат доходните зделки, ако се изземе најавениот трансфер на Србинот Душан Влаховиќ (21) од Фиорентина во Јувентус за околу 70 милиони евра. Овој трансфер би бил најголем во историјата на Серија А во зимски преоден рок. Актуелниот рекорд го држи Милан, кој во јануари 2019 г. на бразилскиот клуб Фламенго му плати 40 милиони евра за Лукас Пакета. Сезонава Влаховиќ постигна 17 гола во Серија А, а во 2021 година вкупно 33 погодока, помалку само од Роберт Левандовски (43 гола), а повеќе од Ерлинг Холанд, Карим Бензема (по 30) и од Кристијано Роналдо (25). Друг поголем трансфер зимава направи Барселона, која го купи напаѓачот Феран Торес од Манчестер сити за 55,3 милиони евра. Според британскиот весник „Гардијан“, во петте најсилни европски лиги, клубовите за трансфери на 314 фудбалери во јануари потрошиле 298,8 милиони фунти (околу 357,5 милиони евра). Во англиската Премиер-лига трите најскапи зделки се на Крис Вуд, кој од Барнли се пресели во Њукасл, за 30 милиони евра, на Лукас Дињ, кој од Евертон замина во Астон вила за 27,5 милиони, и на Виталиј Миколенско, од Динамо Киев во Евертон за 21 милион евра. Во германската Бундес-лига, Аугсбург го доведе Рикардо Пепи од Далас, за 17,7 милиони, а Волфсбург го доведе Јакуб Камински од Лех, за 9,5 милиони евра. Во италијанската Серија А, Аталанта го купи Џереми Бога, од Сасусило за 22,3 милиони, а Фиорентина, Џонатан Иконе од Лил за 15,5 милиони. Зимава, како и минатите, најпознатите и најбогати европски клубови, главно се фокусирани на позајмување фудбалери, како што е случајот со Филипе Кутињо, кој пристигна во Астон вила од Барселона, односно со Ентони Марсијал, кој замина на заем во Севилја, од Манчестер јунајтед.
Comments