top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Главната награда за „Амок“ на унгарскиот режисер Балаш Турај

Доделени наградите на „Флипбук филм-фестивал“

За неконвенционалниот пристап кон темата за врската љубов и омраза меѓу партнерите и стравот од емоционална посветеност, кој е многу релевантен во денешното општество, главната награда на годинашниот „Флипбук филм-фестивал“ му е доделена на анимираниот филм „Амок“ од унгарскиот режисер Балаш Турај. Во главната конкуренција беа доделени и специјални признанија. Првото признание е за рускиот филм „Една љубов“ на Варја Јаковлева, за силниот и интензивен графички и анимациски дизајн, проследен со груб звук и деликатна поетска нарација. Овој филм зборува за навлегување во домот и приватноста низ женска интимна перспектива. Специјално признание доби и „Трговци со мраз“ на португалскиот режисер Жоао Гонзалеш, за создавањето прекрасни и незаборавни ликови, за емотивното вклучување на публиката и оригиналниот третман на семејните односи. А третото специјално признание му беше доделено на хрватскиот филм „Се сеќаваш ли како јавав бел коњ“ на Ивана Бошњак Волда и Томас Џонсон Волда, за надреалните сцени на поетски и звучни повторувања што во овој филм создаваат моќна атмосфера и нѐ носат на неочекувани места, каде што секојдневниот живот и концептот на времето се деконструираат низ слоеви на соништа што се испреплетуваат со реалноста. Во категоријата анимирани музички видеа, специјално признание е доделено за совршената кохерентност помеѓу анимацијата, музиката, режијата со интензивен вкус на хумор и смеа во полскиот филм „Пилешко со ориз“ на Камил Војчик. Главната награда, пак, ја доби „Поглед“ на македонскиот режисер Никола Радуловиќ, за поетската метафора за развојот и меѓусебната поврзаност на човештвото и вештачката интелигенција.

Во категоријата за анимиран документарен филм, специјално признание за моќното сопоставување реални снимки и анимиран уметнички стил, преминувајќи од една крајност на реалноста во еден сонлив свет на забавата, специјалната награда му е доделена на германскиот филм „Пејачи на зајдисонце“ на Џесика Пун. Главната награда, пак, за радикалната критика на патријархалната неправда, бескомпримисното прикажување на сексуалната злоупотреба во комбинација со длабоко хуманистичкиот пристап во прикажувањето на ликовите и, пред сѐ, за сугестивно пренесената универзална порака, ја доби словенечкиот филм „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ и Емили Пижар.

Во студентската конкуренција, првото специјално признание за маестрално прикажување на интимните односи зад сцената, паралелно пресликувајќи ја сложеноста на човечките емоции на сцената преку посебен визуелен пристап, му е доделена на ирскиот филм „Падот на кралот Ибис“ на Микаи Џеронимо и Џош Окаоим. За волшебниот визуелен стил, поезијата, гласовната интерпретација, музичката партитура, специјална награда му е доделена и на германскиот филм „Шептач во ветрот“ на Фернанда Каиседо, како и на филмот „Нонсенс“ на македонската авторка Ангела Грозданов, за храбрата и провокативна порака, успешниот спој на видеоарт и анимација и користењето симболичен јазик за нурнување во внатрешниот свет на авторот. Главната награда во оваа конкуренција, за свежиот и иновативен третман на актуелните современи теми за гледаноста и конкуренцијата и за совршено избалансираната комбинација на бесмисленост, социјална сатира и кинематска метарефлексија, отиде кај германскиот филм „Борба за рекорд“ на Гвенола Хек, Грегор Витич и Илја Лоренц Берет. Наградата од „Екосвест“ за најдобар филм со еколошка тематика ја доби „Песната на китот“ на француската режисерка Аделин Феј.

В.Д.


2 views

Comments


bottom of page