Гетлин се збогува од активното натпреварување
АТЛЕТИКА
Американскиот атлетски спринтер Џастин Гетлин (40) објави дека дефинитивно се збогува од атлетиката. Кариерата на Американецот ја обележија и повеќе допинг-скандали, а ќе остане запаметен како олимписки шампион и повеќекратен светски првак. Тој го освои златниот медал на 100 метри на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Атина 2004, пред да стапи на сцената Усеин Болт од Јамајка, најбрзиот човек на сите времиња. Во Атина, Гетлин освои бронза на 200 метри, додека во штафетната трка 4х100 со репрезентацијата на САД го освои сребрениот медал. На ЛОИ во Лондон 2012 освои бронзен медал на 100 метри, а во негова сопственост е и олимпиското сребро на 100 метри од Рио де Жанеиро во 2016 година. Тој освои два златни медала на Светското првенство (СП) во Хелсинки во 2005 година, на 100 и на 200 метри. Со злато се закити и на СП во Лондон во 2017 година, кога го победи Усеин Болт. Тој беше член и на штафетата на САД на 4×100 метри што го освои златото на СП во 2019 година во Доха. Гетлин на 100 метри истрча најбрзо во својата кариера 9,74 секунди во Доха во 2015 година, додека на ЛОИ во 2012 година стигна до 9,79, но тоа беше доволно само за бронза. Личниот рекорд, пак, на 200 метри му изнесува 19,57 секунди (2015), а на 60 метри 6,45 секунди (2003) . Носител е и на два златни медала од СП во сала (60 метри), во Бирмингем во 2003-та и во Истанбул во 2012 година. Има и шест сребра од СП. Гетлин се обиде да ги помине американските квалификации во атлетика за да се натпреварува на ЛОИ во Токио, Јапонија, но го спречи повредата. Во кариерата двапати беше суспендиран поради допинг-афери. Првиот пат поради лекот што наводно го земал уште од детството, а вториот пат поради прекумерно ниво на супстанцијата тестостерон. Поради ова првично му беше изречена суспензија од осум години, но казната потоа му беше намалена на четири години.
Comments