Германска легенда за трансферот на Санчо: Можеби има повеќе пари, но направи голема грешка
Младиот крилен фудбалер на Манчестер Јунајтед, Џејдон Санчо, никако да се снајде во новата средина по неговиот скап трансфер во летниот преоден рок од Борусија Дортмунд.
21 годишниот фудбалер во последно време не добива многу шанса од Оле Гунар Солскјер, а тоа доведе да го загуби и местото во репрезентацијата на Англија.
Селекторот на „гордиот албион“, Герет Саутгејт го изостави играчот за последните квалификациски натпревари за Светското првенство против Албанија и Сан Марино.
Некогашниот германски репрезентативец, Лотар Матеус смета дека Санчо направил огромна грешка со неговиот трансфер на „Олд Трафорд“ ова лето.
– Не знам како тренира во Манчестер Јунајтед, но мора да работи напорно за да влезе во првите 11 на тимот. Засега мислам дека е многу далеку од стартно место во Јунајтед.
– Кога видов колку минути има одиграно оваа сезона и на кои натпревари играл веднаш реков дека направи грешка што си замина од Борусија Дортмунд. Можеби сега има повеќе пари, но има многу помалку натпревари во своите ноѕе, -изјави Лотар Матеус за „Скај Германија“.
Санчо кој се уште нема ни гол ни асистенција во дресот на „ѓаволите“ во таборот на Борусија Дортмунд помина четири години, период за кој собра 137 натпревари на кои постигна вкупно 50 погодоци.
Comments