top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Георгиевски: На ЕП нема слаби ривали, добро го знаеме тоа

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА УТРЕ ПАТУВА ЗА ДЕБРЕЦИН НА ЕП 2022

Македонската машка ракометна репрезентација утре заминува на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка, кое почнува в четврток и треба да трае до 30 јануари. Црвено-жолтите се во групата А, а натпреварите ќе ги играат во Дебрецин, во арената „Фоникс“, со капацитет од 6.500 седишта. Се очекува селекторот Кирил Лазаров наскоро да ги соопшти патниците за Дебрецин. Прв ривал е репрезентацијата на Словенија, в четврток (18 ч.), два дена подоцна силите ќе ги одмерат со селекцијата на Црна Гора (18 ч.), а на 17 јануари со светскиот првак Данска (20.30 ч). Македонија и во 2018 година ЕП го почна со Словенија, која ја совлада со 25-24. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. Македонија во подготвителниот период одигра три контролни натпревари и забележа три победи, двапати на мечевите со Кувајт (31-21 и 22-21) во Маврово и еднаш со Израел (31-28) во Скопје. – Оптимист сум. Сите играчи добро ги одработуваат задачите и ако успееме тоа од тренинзите да го пренесеме на натпреварите, ќе бидеме на добар пат да се надеваме на добар резултат. На Европското првенство нема слаби ривали, добро го знаеме тоа. Словенија е фаворит, треба да влеземе во натпреварот ослободени од резултатски притисок, Црна Гора е борбена репрезентација со квалитетни играчи. За Данска не треба да се трошат зборови, за неа можеме да зборуваме само во суперлативи. Против ваква репрезентација треба во текот на целиот натпревар да одиграш безгрешно за да се надеваш на добар резултат. Ние го демонстриравме тоа во Скопје во квалификациите и покажавме дека не се непобедливи. Јасно е дека тие се фаворити не само во оваа група туку и на првенството – изјави искусното десно крило Гоце Георгиевски. Денеска македонските репрезентативци и стручниот штаб треба да го направат последниот задолжителен тест за ковид-19 пред почетокот на Европското првенство. На претходните тестирања сите од македонскиот состав беа негативни. Црна Гора и Словенија се соочуваат со неколку позитивни играчи, како и Литванија, Холандија, Франција, Србија…, па многу пријателски дуели се откажани. За Македонија ова е седмо учество на континенталните првенства, а шесто во низа. Македонија досега одигра 34 натпревари на ЕП, оствари осум победи, шест ремија и 20 пораза. Првото учество ѝ е во 1998 година, во Италија, а само во 2020 година не го помина првиот круг.

Шпанија игра и за израмнување на рекордот на Шведска

На Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка титулата ќе ја брани репрезентацијата на Шпанија, која на ЕП 2020 (играно во Австрија, Норвешка и во Шведска) во финалето ја совлада Хрватска, со 22-20 (бронзата ѝ припадна на Норвешка, која со 28-20 ја победи Словенија). Шпанија има две титули во низа, откако славеше и на ЕП 2018 (беше финалист на ЕП 2016). Досега само репрезентацијата на Шведска била трипати по ред европски првак (1998, 2000 и 2002 година). Најуспешна репрезентација на континенталните првенства е Шведска, со четири злата (првак и во 1994 година).

Данска има шест медали, Словенија еден

Данска на европските првенства (ЕП) има досега освоено две злата (во 2008 и во 2012 година), едно сребро (2014-та) и три бронзи (2002, 2004, 2006). Словенија има едно сребро (2004 година). Црна Гора и Македонија немаат медал од ЕП, а најдобар пласман на Македонија е петтото место на ЕП во Србија во 2012 година. И Данска и Македонија по еднаш не го минале првиот круг (ЕП 2020).


1 view

Comments


bottom of page