Георгиевски: Императивот секогаш е победа
РАКОМЕТ – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ДВОМЕЧОТ СО ЕГИПЕТ И ЗА НАСТАПОТ НА ЕП 2022
Македонската машка ракометна репрезентација вчера го одржа првиот заеднички тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, за претстојниот пријателски двомеч со шампионот на Африка, Египет, во Каиро, в петок и в сабота. – По подолго време повторно се собравме. Првиот тренинг помина добро, работевме некои нови тактички варијанти во нападот, а посебен акцент беше ставен на играта во одбрана, за она што и ќе нѐ очекува на Европското првенство во јануари. Египет добро го познаваме, како и нивниот селектор Роберто Парондо. Египет е квалитетна селекција, а тоа го покажа и на Летните олимписки игри во Токио, тактички египетските ракометари добро играат и се мошне дисциплинирани во исполнувањето на своите задачи. Веќе гледавме некои видеоматеријали од нивните игри, па очекувам добри натпревари и да ги одработиме оние тактички задачи што ќе ни ги предочи селекторот Кирил Лазаров.
Нормално императивот секогаш е победа, па така и на овие дуели – вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски. Што се однесува до претстојното Европско првенство во Словачка и во Унгарија, Георгиевски е оптимист. – Словенија, Данска и Црна Гора, сите три селекции ни се добро познати, со нив многу често сме играле, на ЕП, СП или во пријателски средби, но секако и тие многу добро нѐ познаваат нас и нашата игра. Сега е изменет системот на натпревари на ЕП, па наместо првите три од групата, сега во втората фаза одат првите две селекции. Голем хендикеп за репрезентацијата е неиграњето на повредениот Дејан Манасков, но јас сум оптимист и верувам во моите соиграчи и во нашата игра – ни изјави Георгиевски.
Comments