top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Георгиев игра за пласман на Турнирот на кандидатите

01.11.2021 Noemvri Ponedelnik

ШАХ – КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР ВО РИГА

Македонскиот велемајстор (ВМ) и челна табла на репрезентацијата, Кирил Георгиев (2.577 рејтинг-поени, рангиран 95-ти пред почетокот турнирот), по четвртото коло на мошне силниот турнир во Рига (Летонија), на кој играат 108 шахисти, од кои 107 ВМ од 37 држави, има 1,5 поен и моментно е на 88-то место. Истовремено се игра и турнир за жени, со учество на 50 шахистки (15 ВМ) од 23 држави. Македонија нема своја претставничка. Она што е мошне значајно е што и двата турнира се дел од квалификациите за циклусот на Светското првенство 2021-2023, при што најдобрите двајца играчи на отворениот турнир директно се квалификуваат за Турнирот на кандидати во 2022 година, а следните шестмина обезбедуваат места на ист ваков турнир в година. Победничката, пак, на турнирот за шахистки, ќе се квалификува директно за Турнирот на кандидатките, а следните четири на табелата ќе обезбедуваат место на ист ваков турнир во 2021 година. Отворениот турнир има една од најдолгите временски контроли некогаш користени во шахот, односно секој играч ќе има 100 минути за првите 40 потези, плус 50 минути за следните 20, плус 15 минути за преостанатите потези, со додаток од 30 секунди за секој одигран потег по играч. Контролата на турнирот за жени е 90 минути за првите 40 потези, плус 30 минути за до крајот на партијата, со 30 секунди за секој потег по шахистка.

Георгиев во 1-то коло загуби од Индиецот Нихал Сарин (2.652, рангиран на 41-то место), во 2-то коло од Русинот Максим Чигаев (2.639, рангиран на 55-то место), и двете со црни фигури, во 3-то коло ремизира со Атенаина Ракотомахаро од Мадагаскар (2.484, рангиран на 107-то место), а во четвртата партија го победи Узбекистанецот Шамсидин Вахидов (2.521, рангиран на 104-то место). Вчера во 5-то коло, од предвидените 11, Георгиев со црни фигури играше со Аргентинецот Алан Пишот (2.628, рангиран на 68-то место). – Првите две партии, секако, можев да ги завршам многу подобро, особено втората, во која за сето време имав одлична партија. Но, за жал, ги загубив и двете по моја груба грешка. Во третото и во четвртото коло успеав да се мобилизирам и да остварам по една победа и реми. Ваквото долго темпо на размислување е добро. На ваков квалитетен турнир, каде што играат многу силни шахисти, уште е рано да се прогнозира за конечниот пласман, сепак до крајот има уште седум напорни кола – ни изјави Георгиев. Претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, кој го одигра првиот потег на првата табла во првото коло, во партијата помеѓу првиот носител, Американецот Фабијано Каруана, и Русинот Максим Чигаев, претходно зборуваше за настанот и прашањата за здравјето и безбедноста на играчите до плановите и амбициите на ФИДЕ во наредниот период.

– Секој настан што го организиравме во текот на ковид-19 беше тежок, па ни овој не е исклучок. Ги ценам напорите на сите што ни помагаат да го одржиме нашиот календар, како и на домаќинот на овој турнир во Рига, кој е дел од циклусот за Светското првенство. Тоа е многу важен настан, оти за многу играчи е и единствена шанса да се квалификуваат – рече, меѓу другото, Дворкович, повторувајќи дека ФИДЕ и организаторите вовеле строги здравствени и безбедносни мерки за сите шахисти поради ковид-19. Прворангиран пред турнирот кај шахистите е Каруана (2.800 рејтинг-поени), а кај шахистките Марија Музичук (2.536). По 4-то коло, кај шахистите во водство е Алиреза Фирузја (2.770, рангиран трети), со 3,5 поени, а кај шахистките Тинџи Леи (2.505, рангирана седма), со 3,5 поени.


0 views

Comments


bottom of page