top of page
Search

„Геометриски медитации“ – слики и графики на Гордана Вренцоска кои нудат смисла во хаотичноста на животот

18.07.2024 juli Cetvrtok

„Години наназад моите истражувачки и творечки активности беа поврзани со нашето културно наследство, фолклор и визуелен идентитет, па ова не беше само прашање на лични чувства, туку и своевидна ‘атака’ на моите професионални достигнувања. Сликањето како процес на медитација ми помогна да го воспоставам мојот внатрешен мир и да ја употребам уметноста како божествен начин за изнаоѓање одговори на тешките прашања. Во исто време, преку делата го изразувам својот „бунт“, но без агресивност и експресивност, туку со смиреност и логика“, вели Гордана Вренцоска, авторката на изложбата „Геометриски медитации“ поставена во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница

„Геометриски медитации“, петнаесеттата самостојна изложба на уметницата Гордана Вренцоска, отворена во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, го привлече вниманието на јавноста и бројните љубители на уметноста кои имаат можност до крајот на јули да ги видат делата кои го отсликуваат нејзиниот автентичен и оригинален дух. Вренцоска, која е интердисциплинарен уметник, дизајнер и декан и професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, во својот роден град се претставува со слики и графики препознатливи по својот сензибилитет, едноставност и совршеност во геометриската форма.

„На изложбата се претставувам со дванаесет слики и осум графики. Ова е тематска изложба и сублимира дела кои во себе содржат геометриски елементи. Исто како во мојот проект ‘Бескрајна приказна’, и во оваа серија на дела трагањето по среќата е низ геометриските форми, кои ми влеваат чувство на сигурност и исполнување на емотивните празнини. Уметникот може да најде волја и храброст како да се справи со општествените неприлики и низ уметноста да понуди некаква смисла во хаотичноста на животот. Сликите се работени со техника акрил на платно, сликани исклучиво со четка, но со една идеја делата да изгледаат ‘печатено’, поточно потезот на четката да биде ‘невидлив’.

Графиките се работени компјутерски и печатени дигитално. Ова е мое второ самостојно претставување во мојот роден град Виница, првиот пат со мини ретроспективна изложба ‘Калеидоскоп’ во 2009 година. Публиката со внимание ги следи моите творечки циклуси и искрено реагира на тоа што ќе го види на изложбата. Тука навистина се чувствувам како дома”, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР Вренцоска.

Таа посочува дека циклусот „Геометриски медитации“, всушност, започна со малото платно „Божество“ во 2018 година, во период на анксиозност предизвикана од континуираните напади на македонскиот идентитет и загрозеното чувство на припадност и самоопределување.

„Години наназад моите истражувачки и творечки активности беа поврзани со нашето културно наследство, фолклор и визуелен идентитет, па ова не беше само прашање на лични чувства, туку и своевидна „атака“ на моите професионални достигнувања. Сликањето како процес на медитација ми помогна да го воспоставам мојот внатрешен мир и да ја употребам уметноста како божествен начин за изнаоѓање одговори на тешките прашања. Во исто време, преку делата го изразувам својот „бунт“, но без агресивност и експресивност, туку со смиреност и логика. Овие дела ме носат до основните прашања поврзани со бог, универзум, простор, време, среќа, вистина, духовност и мир.  Во серијата на слики се испреплетуваат повеќе различни влијанија: примитивната уметност, византиската иконографија,  фолклорот, графизмот, геометријата, апстракцијата и Оп-артот. Во еден период беа создадени дела кои беа рефлексија на пандемиските стравови, во кои геометријата беше средство за рационализација на неизвесноста и изолираноста од моите студенти и блиските. Во графиките, каде појдовната точка се мотивите од македонскиот фолклор, се додадени референци од суперматизмот, конструктивизмот и геометрискиот минимализам. Со црни форми, симболизираат „засенување“ и „негирање“ на она што е живо, континуирано и исконско, е направен „упад“ во препознатливите ритмични орнаментални форми“, објаснува уметницата.

Но, нејзините интереси и истражувања не застануваат тука. Како што самата вели, тие постојано се прошируваат и веќе размислува за нови идеи и предизвици.

„Не се ограничувам на еден медиум, техника или тематика. Во текот на летото ќе почнам да ги разработувам новите концепти кои имаат поврзаност со еден мој започнат циклус на ‘споредните’ работи во уметничките процеси или сето она што се случува зад затворените врати на уметникот”, вели Вренцоска. (Д.Т.)


0 views

Comments


bottom of page