top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Гвардиол по стапките на Модриќ, Ковачиќ…

СЕРИЈАЛ НА „БИ-БИ-СИ“ ЗА НАЈДОБРИ МЛАДИ ФУДБАЛЕРИ

Во серијалот наречен „Чуда од деца 11“ на „Би-би-си“ се претставени 11 млади талентирани фудбалери од Европа и од светот, со потенцијал да станат суперѕвезди на својата позиција, но и фудбалери што уште се на почетокот од кариерите. Хрватот Јошко Гвардиол (20), центархалф на германски Лајпциг, минатото лето дебитира за „коцкестите“, на воведниот натпревар на Европското првенство (ЕП) против Англија (0-1), на стадионот „Вембли“, и оттогаш одигра девет меча во репрезентацијата. Тој бил забележан од „скаутите“ на Динамо Загреб, на осум години, кога ѝ се приклучил на академијата низ која поминале и Лука Модриќ и Матео Ковачиќ. Прво играл на позицијата лев бек и во средниот ред, по што бил префрлен на позицијата централен бек, развивајќи се во еден од најбараните млади играчи во Европа. Дебитира во Првата лига на Хрватска на 17 години и постигна гол веќе на вториот меч, во сезоната во која Динамо ја освои титулата. Лидс бил заинтересиран за него, но Гвардиол во септември 2020 година потпишал петгодишен договор со Лајпциг. Во сезоната 2020/2021 останал во Динамо, на заем, и освоил уште една титула, пред да дебитира за репрезентацијата. На возраст од 19 години, четири месеци и 21 ден, Гвардиол го надмина рекордот на Ковачиќ како најмлад играч на Хрватска што настапил на еден голем турнир. По одењето во Лајпциг, тој набргу се наметна и во Германија, дебитирајќи во Лигата на шампионите (ЛШ), во поразот од Манчестер сити, лани во септември. Само двајца играчи на Лајпциг сезонава одиграа повеќе мечеви од Гвардиол. Л.Д.


1 view

Comments


bottom of page