top of page

Гатузо: Сега да ме прободете со нож, нема да капне ниту една капка крв!

31.03.2026 Mart Vtornik

Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, им се извини на навивачите поради неуспехот да се обезбеди пласман на Светското првенство, но истовремено изрази гордост за настапот на своите фудбалери во драматичниот пораз од Босна и Херцеговина.

„Аѕурите“ беа елиминирани во баражот по изведување пенали во Зеница, со што третпат по ред остануваат без настап на најголемата светска фудбалска сцена.

„Овие момци не го заслужија ова, со оглед на трудот, страста и решителноста што ја покажаа. Имавме неколку добри шанси, додека нивните нафрлувања ретко создаваа сериозна опасност. И понатаму сум горд на овие момци. Ова е тежок момент за италијанскиот фудбал и исклучително болно е да се испадне на ваков начин. Ако сега ме прободете со нож, нема да капне ниту една капка крв“, кажа Гатузо.

Во продолженијата се случи и контроверзен момент, кога Марко Палестра беше соборен во изгледна шанса, но главниот судија Клеман Турпан покажа само жолт картон. Сепак, Гатузо избегна директна критика кон арбитражата.

„Не сакам да зборувам за судијата, ова е фудбал. Долго сум во овој спорт, сум доживеал и победи и тешки порази, но ова навистина е тешко да се прифати“, истакна тој.

Гатузо ја пофали борбеноста на своите играчи, нагласувајќи дека тимот играл со голема пожртвуваност, особено во моменти кога биле под притисок и со играч помалку. Во однос на својата иднина на селекторската позиција, Гатузо остана воздржан.

„Сега не е момент да се зборува за мојата иднина. Најважно беше да се пласираме на Светското првенство. Ќе ја паметиме добрата игра, но поразот боли. Разочарани сме“, заклучи селекторот на Италија.

Покрај Босна и Херцеговина, Италија од баражите претходно беше елиминирана од Македонија за СП 2022 и Шведска за СП 2018.


 
 
 

Comments


bottom of page