top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Гаспар Ное за крај на „Скопје филм фестивал“

Вечерва завршува 25-то јубилејно издание на „Скопје филм фестивал“. Во Кинотеката ќе бидат прикажани филмовите „Едно убаво утро“ на режисерката Миа Хансен-Лов (20 часот), од програмата Фокус на европски филм и најновиот филм на Гаспар Ное, и „Вител“ (22 часот), од програмата Авторски филм.

Миленичката на фестивалите, режисерката Миа Хансен-Лов се враќа пред филмската публика со длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро“ фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот.

„Вител“ е приказна за двајца партнери што живеат во блиски, но одделни, паралелни светови, борејќи се со староста и деменцијата. Додека талкаат низ тесниот стан преполн со мебел, мора да се помират со мислите за смртта и за крајот што ги чека набргу. Мрачната перспектива и очајот стануваат дел од приказната, а двојката, во изведба на Дарио Арџенто и Франсоаз Лебрун, гледа како нејзината поврзаност полека се распаѓа додека болеста напредува. Гаспар Ное решил да ја прикаже изолираноста на деменцијата снимајќи го целиот филм на поделен екран, мајсторско решение што нуди автентичност како „еден ден во животот“, со бавна тензија и возбудлива филозофска горчина.


1 view

Comments


bottom of page