Галичката свадба најскапа досега, ќе има веселба со песните на Сариевски
Младенците и присутните во Галичник годинава ќе имаат можност да уживаат во концертот со песни во чест на легендарниот пејач и композитор на македонски народни песни, галичанецот Александар Сариевски, во изведба на естрадни уметници, а во чест на 100 години од неговото раѓање
Годинашната Галичка свадба, eден од најубавите културни настани во државата што ја обележуваат богатата македонска традиција, ќе биде најскапа досега, а ќе се одржува од 15 до 17 јули. На фејсбук- профилот на Месната заедница Галичник веќе е објавен повикот за пријавување за зет и невеста, а сватовите, заедно со младенците и со присутните во Галичник, како што дознаваме, годинава ќе имаат можност да уживаат во концерт со песни во чест на легендарниот пејач и композитор на македонски народни песни, галичанецот Сариевски, во изведба на естрадни уметници. Според Александар Костиќ, претседател на Месната заедница, од Министерството за култура кое е традиционален поддржувач на оваа манифестација, која стана препознатлив македонски бренд, добиле 1,5 милиони денари за реализација, што е дупло повеќе од лани.
„Советот на Месната заедница Галичник наследи буџет од 400 илјади денари во 2017 г., кои се прескромни. Во 2019 г., добивме милион, лани 700 илјади, а сега 1,5 милиони денари, но треба да се нагласи дека, истовремено, во петокот, непосредно пред самата свадба, но во нејзини рамки, ќе се организира концерт по повод 100 години од раѓањето на Александар Сариевски (20 јуни 1922 – 19 декември 2002), така што средствата се наменети и за концертот, и тоа со естрадни уметници што го негуваат овој репертоар. Александар Сариевски е роден во Галичник и редно е да се одбележи годишнината“, вели Костиќ за весникот ВЕЧЕР.
Тој, исто така, нагласи дека досега се пријавени пет пара и дека конкуренцијата е сериозна.
„Пожелно е кандидатите за невеста и зет да имаат потекло од Галичник, активна куќа и семејство кое логистички би помогнало во реализацијата. Но, се случувало и да немаме такви кандидати. Советот ќе заседава и ќе одлучи кој ќе биде избран, а тоа ќе се случи најрано во април“, додава Костиќ.
На нашето прашање дали е можно годинава брак во Галичник да склопат две или повеќе двојки, Костиќ посочи дека досегашното искуство покажало дека најуспешно се организира венчавка за една двојка, но сè уште е рано да се каже која варијанта ќе се прифати. Предност ќе имаат младенците кои веќе имаат искуство – учествувале на Галичката свадба во друга улога и на кои ова им е прв брак, а можат да се пријавуваат најдоцна до 31 март. Кој ќе ја има таа чест да склопи брак во Галичник, ќе се знае на 31 мај.
„Во 1996 и во 2014 г., направени се две свадби, но мислењето на невестите е дека треба да се оди на варијантата на една официјална свадба. Но, сè уште е рано да кажеме каква е одлуката. Се случило и некоја од избраните невести да остане бремена во меѓувреме и да се откаже, затоа што имаме како обичај и јавање на коњ“, вели Костиќ.
Инаку, првата манифестација Галичка свадба е организирана во 1963, но имало и прекини во нејзиното одржување. Свадбата не се одржала и во 2020 поради пандемијата, но годинава зурли и тапани ќе одекнат во Галичник. (Д.Т.)
Comments