Вљубете се во Полска, вљубете се во Лем!
Втор ден на „Букстар“
Во рамките на „Букстар 2021“, на вториот фестивалски ден, во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот полски автор и футурист Станислав Лем, се одржа настанот „Да зборуваме за Лем“, на кој за научната фантастика и влијанието на Лем врз светската книжевност дискутираа Ивица Дукоски, Владимир Симовски и Зоран Милошевски. Во рамките на настанот беше прикажано кратко видео со Виктор Јазневич од Белорусија, приредувач на книгата „Светот на Станислав Лем“, а преку видеопорака се обрати и преведувачката на неговите дела на македонски јазик, Милица Миркуловска. Модератор на настанот беше Александар Маџаровски. Издавачката куќа „Антолог“ досега ги има објавено неговите книги: „Едем“, „Соларис“, „Светот на Станислав Лем“, „Киберијада“ и „Непобедлив“. – Лем е најпреведуваниот полски писател, а Полска има сериозни писатели. Повод за овој настан е и излегувањето на најновиот превод на македонски јазик на книгата „Светот на Станислав Лем“, која не е роман, туку е збирка од 2.000 афоризми, цитати, мисли од неговото творештво и интервјуа. Од тука можете да видите за каков автор станува збор, автор со луцидност, смисла за хумор, креативност. Сепак, освен од познавачите на научната фантастика, тој не е толку читан кај нас и последниве неколку години „Антолог“ прави одлична работа со преводите на неговите книги. Тоа е една солидна база за љубителите на Лем – рече Маџаровски во воведното излагање.
За тоа што го прави толку посебен овој автор, Ивица Дуковски кажа дека тој пред сѐ е голем интелектуалец што отвора некои теми далеку пред своето време. Тој посебно се осврна на неговата книга „Соларис“, во која станува збор за неможноста да се спознае другоста, а тоа во случајот на овој роман на Лем е океанот како битие само за себе. Владимир Симовски зборуваше за својата прва средба со делата на Лем во почетокот на 1980-тите години кога кај нас е формиран клубот на љубители на СФ. – За „Соларис“ имам забелешка во однос на океанот на Лем, океанот не може да егзистира затоа што нема екосистем, океанот е единечно суштество што не е социјално, па користењето на океанот како мотив, а не вонземјани, му дава доза мистериозност на романот – рече Симовски. Зоран Милошевски се потсети на една анегдота, според која, Лем е всушност компјутер. – Тоа се должи на неговото енциклопедиско познавање и на неговиот пристап како професионалец на книжевен план. Лем според својот опус може да се подели на Лем – книжевник и есеист и Лем – филозоф и културолог. Важен е моментот кога Лем авторот го победува Лем филозофот, тоа е моментот на неговите темни предвидувања за научната фантастика на англо-американското подрачје. Тогаш Лем со своите дела станува она што е денес. Неговиот роман „Соларис“, пак, е едно од ретките дела што ја става научната фантастика на исто ниво со сите други жанрови – рече Милошевски. Според излагачите на настанот, Лем не е единствениот претставник на научната фантастика на Истокот, тука се Ефремов или Чапек, на пример, ама е најсјајната ѕвезда и еден од најважните автори во овој дел од светот. Самиот Лем сметал дека 99 отсто од англо-американската научна фантастика е ѓубре, а само еден отсто е нешто вредно за читање и тука го сместува Филип Дик.
Лем по професија бил лекар, иако никогаш не се занимавал со медицина, а сакал да студира техника, но наместо да се занимава со наука, се запознал со издавач во Закопане и почнал да пишува. Затоа се вели дека полската наука во тој момент загубила голем научник, но добила голем литерат, кој во своите дела предвидел некои технолошки, не изуми, туку концепти, давајќи идеи за некои потенцијални иднини. – До 1950-тите години тој пишува утопистичка научна фантастика, а потоа откако цензурата во Полска се олабавува, ги пишува најдобрите дела. Знаел како да ја заобиколи цензурата. Користел алегориски прикази на Советскиот Сојуз, прикажувајќи го како змеј во еден свој расказ, така што го опишува како големо суштество што ништо не прави, а сите го хранат – рече Симовски, појаснувајќи го односот на комунизмот кон неговиот опус. Преведувачката Милица Миркуловска, пак, рече дека преведувањето на неговите дела е како возење на луда железница, никогаш не знаеш како ќе заврши возењето. Тој процес го опиша како огромна авантура, од страница во страница, навлегувајќи во тие далечни и непознати светови, и на крајот од своето обраќање порача: „Вљубете се во Полска, вљубете се во Лем!“ Станислав Лем (1921-2006) е најпреведуваниот полски писател, сатиричар, филозоф и футуролог, како и најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиско говорно подрачје. Тој е меѓу најпознатите писатели и теоретичари на научната фантастика. Добитник е на многу престижни награди и признанија, а бил и почесен доктор на повеќе универзитети во Полска и во светот. Неговите книги се продадени во неверојатни над 45 милиони примероци.
Comments