Втора година по ред француски кошаркар е прв избор на т.н. драфт
28.06.2024 Juni Petok
НБА
Француската револуција во НБА продолжува, откако Закари Ризаше беше избран како прв на т.н. драфт (избор) од Атланта, а неговиот сонародник Алекс Сар беше избран на втората позиција, од Вашингтон. Со ова е обележана втората година во низа како играч од Франција е земен како прв на драфтот, откако лани Сан Антонио го избра центарот Виктор Вембањама, пишува агенцијата „Ројтерс“. Ризаше (19) е крилен играч, одличен шутер на тројки и дефанзивец, младински репрезентативец на Франција. Тој зад себе има одлична сезона во тимот на Бурж и беше избран за најдобар млад играч во Еврокупот и во првенството на Франција.– Многу е возбудливо. Во моментов имам многу чувства и емоции. Не знам што да кажам – рече Ризаше, кој ѝ се приклучи на Атланта, која во минатата сезона го пропушти плејофот, откако заврши со резултат 36-46.Сар (19) му се придружува на Визардс од австралискиот клуб Перт, а порано играл и во САД и во Европа. Уште еден Французин, Тиџан Салаун, е избран како шести од Шарлот. Франција има создадено повеќе НБА-играчи од која било друга земја надвор од Северна Америка, вклучувајќи ги четирикратниот шампион Тони Паркер, четирикратниот одбранбен играч на годината Руди Гобер, Јоаким Ноа, Николас Батум и Борис Диао, пишува „Ројтерс“. Помеѓу најдобрите пет избори на драфтот годинава се и Рип Шепард (Хјустон), Стефон Касл (Сан Антонио) и Рон Холанд (Детроит). Г.И.
Comments