top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Вселенскиот телескоп „Евклид“ ги испрати првите пробни фотографии од вселената

Вселенскиот телескоп „Евклид“, кој ѝ припаѓа на Европската вселенска агенција ЕСА, за првпат го фотографираше универзумот и испрати пробни фотографии.

ЕСА го лансира „Евклид“ на 1 јули со цел да ги бара неостварливата темна материја и енергија, кои сочинуваат приближно 27, односно 68 проценти од универзумот.

Мисијата на „Евклид“ вклучува набљудување на универзумот од стратегиски поволната Лагранжова точка (Л2), која е локацијата и на „Џејмс Веб“, најмоќниот вселенски телескоп во историјата. Новите фотографии се детални слики од ноќното небо и прикажуваат безброј ѕвезди, ѕвездени јата и галаксии распространети низ универзумот. Овие тест-фотографии покриваат дел од небото помал од полната Месечина.

– По повеќе од 11 години дизајнирање и развој на „Евклид“, возбудливо и крајно емотивно е да се видат првите фотографии. Уште поневеројатно е кога мислиме дека гледаме само неколку галаксии со минимално поставување на системот.

Целосно калибрираниот „Евклид“ ќе набљудува милијарди галаксии за да се создаде најголемата 3Д-мапа на небото досега – рече менаџерот на проектот, Џузепе Рака.

Пробните фотографии не беа обработени, поради што се видливи различни ленти предизвикани од „несакани артефакти“ како што се космичките зраци. Меѓутоа сите идни научни фотографии ќе бидат внимателно обработени и обоени за да се зголеми нивната научна привлечност.

Првите фотографии се направени со помош на две камери, а тоа се видливиот инструмент (БИС) и блиско-инфрацрвен спектрометар и фотометар (НИСП).

НИСП ќе фотографира галаксии во инфрацрвена светлина и ќе го мери количеството светлина што ја емитуваат галаксиите на различни бранови должини. Овие податоци би можеле да им помогнат на научниците да утврдат колку далеку се наоѓаат одредени галаксии. Камерата ВИС првенствено ќе се користи за одредување на обликот на милијардите галаксии во универзумот.

Тимот на мисијата нагласи дека фотографиите имаат уште поголемо значење бидејќи се направени и покрај проблемот што се појавил набргу по првото активирање на инструментот ВИС. Тимот забележал неочекувана шема на светлина што ги загадува фотографиите. Последователните истражувања открија дека станува збор за „залутана“ сончева светлина што влегла во телескопот, најверојатно преку мала празнина. Овој проблем може да се реши со фотографирање од одредени агли.

Во текот на следните неколку месеци, тимот на мисијата ќе ги тестира и ќе ги оцени севкупните перформанси на телескопот за лов на темна материја. Откако ќе заврши фазата на верификација на перформансите и пуштање во работа, „Евклид“ ќе ги започне своите научни набљудувања, кои ќе вклучуваат создавање 3Д-мапа на универзумот за подобро да се разбере загадочната природа на темната материја и темната енергија. Пробните фотографии служат како увид во огромниот потенцијал на телескопот.

– Уверен сум дека тимот ќе може да го користи „Евклид“ и да открие многу за 95 проценти од универзумот за кои знаеме толку малку – рече Џозеф Ашбакер, директор на ЕСА.


1 view

Comments


bottom of page