„Врба“ во Јапонија, „Кајмак“ годинава со премиера
Шестиот филм на режисерот Милчо Манчевски ќе го отвори 13. Меѓународeн филмски фестивал „Историка“ во Кјото, Јапонија кој годинава ќе се одржува и онлајн и со прикажување на остварувањата во живо. На фестивалот кој ќе трае до 30 јануари, како што посочува организаторот, внимателно се избрани пет историски филмови од целиот свет од над 200 пријавени и тие ќе можат да се видат само за време на фестивалот
Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски на 22 јануари ќе го отвори 13. Меѓународeн филмски фестивал „Историка“ во Кјото, Јапонија. „Манчевски ќе гостува виртуелно на фестивалот и по проекцијата на филмот ќe учествува онлајн во дискусијата со публиката“, посочуваат од продуцентската куќа „Банана филм“.
Јапонскиот фестивал „Историка“ е уникатен во светот поради тоа што во фокусот има филмови со историска тематика, а годинава ќе се одржува и онлајн и со прикажување на остварувањата во живо. На фестивалот кој ќе трае до 30 јануари, како што посочува организаторот, внимателно се избрани пет историски филмови од целиот свет од над 200 пријавени и тие ќе можат да се видат само за време на фестивалот. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштетото е во филмските компании „Тоеи“ и „Шошику“, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а, како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ‘Врба’“.
Да потсетиме, шестиот филм на Манчевски ја следи приказната за три македонски жени кои не го менуваат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави хероини во филмот. Трите приказни, една средновековна, две современи, се огледуваат една во друга и се надополнуваат, истражувајќи ги темите на љубовта, довербата и мајчинството. Во филмот улогите ги толкуваат Сара Климоска, Никола Ристески, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, а директор на фотографија Тамаш Добош.
И по речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивен фестивалски живот. Досега освои тринаесет награди, меѓу кои и за најдобра режија на „Реинденс“ во Лондон, најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, „Сребрена палма“ во Валенсија. Минатиот месец „Врба“ освои три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз. Филмот беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.
Инаку, и најновиот, седми филм на Манчевски „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција и се очекува годинава да има премиера. „Кајмак“ е безобразна комедија и безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, истакнуваат од „Банана филм“. Во главните улоги играат Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.
Филмот е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд „Еуримаж“, а 46 проценти се од нашата земја од Агенцијата за филм и Македонската радио телевизија која е копродуцент.
Во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска.
Comments