Врачување на наградата „Роман на годината“
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ на 30 август, во кафе-барот „Филхармонија“, со почеток во 20 часот, ќе ја врачи наградата „Роман на годината“ за 2021 година. Годинашен лауреат на наградата е Симона Јованоска за романот „Денот на црвот“ („Или-или“, 2021). – Романот „Денот на црвот“ претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини. Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што ги користи авторката за да го збогати читателското искуство и за да ги нијансира значењата на текстот – беше истакнато во образложението на жири-комисијата за избор на наградата „Роман на годината“.
Comments