Врачена наградата „Петре Прличко“ за 2020 на затворањето на 18. ИФАД „Стоби“
Наградата „Петре Прличко“ за 2020 година која ја доби актерот Слободан Степановски од битолскиот Народен театар вчеравечер беше врачена на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“ на затворањето на 18. ИФАД „Стоби“ 2021.
Наградата која ја врачи градоначалникот на Велес Аце Коцевски, во отсуство на Степановски ја прими неговата ќерка и актерка Викторија Степановска-Јанкуловска, исто така од битолскиот Народен театар. Таа доби и награда за најдобра женска улога на 18. ИФАД „Стоби“ 2021.
За нејзиниот татко Слободан, рече дека во последен момент од оправдани причини бил спречен да дојде во Велес за да ја прими високата театарска награда која се доделува за значаен придонес во драмската уметност во земјава. Примајќи ја наградата, Степановска-Јанкуловска додаде дека и навистина жали што вечерта испуштила можност со татко ѝ да застанат на сцена и да ги примат наградите, бидејќи на сцена ретко застанувале како актери – партнери.
„Да го посветиш животот на театарот, а при тоа да не си дел од оние кои секогаш велат да, кои ја веднат главата, кои бескомпромисно се согласуваат со секоја лудост и молчат пред авторитетите, колку и да се незаслужени, самопрогласени – не е лесно. Јас тоа добро го знам, затоа што и тоа го наследив од татко ми. Денес е ретко да имаш свое јас, а уште поголема реткост, според мене, е таа големина да биде препознаена. Ја пренесувам неговата искрена благодарност и желбите на оваа сцена во годините кои следат да се изредат десетици-стотици колеги кои гордо ќе ја понесат плакетата со ликот на великанот на театарот Петре Прличко“, рече Степановска-Јанкуловска.
Наградата „Петре Прличко“ е посветена на доајенот на македонското глумиште, родум велешанец од Којник, и се доделува од 2006 година. Слободан Степановски е нејзин 14 добитник. На затворањето на 18. „Стоби“ беше одиграна претставата „Отело“ во копродукција на МНТ и Народниот театар од Зеница.
Comments