top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Вратите на Музејот на Личеноски ќе се отворат со изложба во негова чест

Во Спомен-куќата на Лазар Личеноски, чија ревитализација е во тек, денеска од 12 до 14 часот ќе бидат изложени делата на студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Оваа изложба е дел од настаните за одбележување на третиот роденден на Europe house, кој со низа настани, организирани заедно со Националната галерија, ќе му одаде почит на културното наследство на нашиот познат уметник

Спомен-куќата на Лазар Личеноски (1901-1964) од денеска (9 ноември) повторно ќе биде центар на уметноста преку изложбата во чест на наследството на овој наш еминентен македонски уметник, кој живеел и творел во овој објект. Во „Музејот Личеноски“, чија ревитализација е во тек, од 12 до 14 часот ќе бидат изложени делата на студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје, инспирирани од ликот и делото на Личеноски. Оваа изложба е дел од настаните за одбележување на третиот роденден на Europe house во Скопје, кој со низа настани, организирани заедно со Националната галерија, ќе му одаде почит на културното наследство на нашиот познат уметник.

„Во рамките на изложбата учествуваат осум студенти со 11 дела кои се инспирирани генерално од куќата на Лазар Личеноски. Бевме поканети од ЕУ Хаус за да направиме изложба и ова не е само ревијално изложување на дела, туку специјално се правени за повикот на ЕУ Хаус. Ова е еден начин на студентска вежба за освојување и на анимирање на просторот, како и искажување на своја идеја и чувства од она што го имаат видено“, вели проф. д-р Славица Јанашлиева од Факултетот за ликовни уметности.

Инаку, програмата на настани, како што информираа од Europe house, вклучуваше отворен повик за млади дигитални уметници (на возраст од 18 до 35 години) поканети да ја понудат својата визија за следење на познатиот мозаик на отворено „Апотеоза на трудот“ на Лазар Личеноски, кој ја прикажува еволуцијата на човештвото. Мозаикот го велича трудот кој е главниот фокус на претстојната Европска година на вештини во 2023 година. Инаку, изложбата ќе остане отворена за јавноста од 12 до 14 часот секој вторник и четврток од 15 до 30 ноември. Дел од настаните е и видеото со современ танц во изведба на Андријана Данчевска и Дејан Битровски, кое беше снимено во Куќата-музеј на Личеновски, а ќе биде промовирано онлајн од страна на Europe house – Скопје. Кореографијата на танцот се темели на џез-композицијата „Фрагменти“ од групата Зулу 3.4, која неодамна доби награда за „Најдобри млади џез-музичари“ на годишниот Скопски џез-фестивал. На 17 ноември, во Europe house ќе се одржи ликовна работилница за деца во организација на Националната галерија. На 23 ноември, пак, роденденската програма ќе заврши со започнување на низата Разговори за културата со учество на претставници од владините институции, млади експерти од област на темата и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Македонија. Настанот насловен „Мисли напред – затоа што културата е важна“ има за цел да ја подигне свеста и вниманието за актуелните предизвици и можностите во културниот домен. Амбасадорот на Европската унија во Република Македонија Дејвид Гир посочува дека овие настани со учеството на младите се одржуваат со цел да се одбележи животот и делото на Лазар Личеноски, еден од најистакнатите сликари во историјата на државата.

„Поголемиот дел од овие настани ќе се одржат во Куќата-музеј на Лазар Личеноски со оддавање почит на неговото непроценливо уметничко дело и подигање на свеста за важноста од негувањето на културното наследство“, изјави Гир.

Инаку, „во изминативе години Министерството за култура финансираше изработка на „Елаборат за валоризација на Спомен-куќата на Лазар Личеноски“ од страна на НУ Конзерваторски центар, Скопје. Во 2016 е изготвен Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на куќата на Лазар Личеноски. Во текот на 2020 започна и во 2021 е завршена фазата водовод и канализација и дел од фазата електрика која е во завршна фаза во 2022. Во тек е изработка на Анекс на Проектот, за поставување на дренажен систем околу објектот поради појава на влага од атмосферски/подземни води како и санација на влезниот скалиштен дел на објектот кој е деградиран“, посочуваат надлежните. Во февруари 2022 според предвидената програма на Националната галерија за 2021 комплетно е завршена и конзервација и реставрација на збирката на мозаици. Во тек е подготовка на проектот за конзервација и реставрација на 122 ликовни дела, дел од Колекцијата на музејот. За етнолошката и библиотечната збирка се направени истражувања, методолошка класификација… и следат конзерваторски елаборати. (Д.Т.)



1 view

Comments


bottom of page