Вработените во Филхармонијата со жолти ленти на концертите во знак на протест против одлуката да дел
Вработените во Филхармонијата со жолти ленти на концертите во знак на протест против одлуката да делат простор со џезерите На синоќешниот концерт со наслов ФИЛИЗ, но и на концертите што ќе следуваат, вработените во Македонската филхармонија ќе носат жолти ленти во знак на протест поради, како што велат, нетранспарентната и штетна одлука што ја донесе Министерството за култура новоформираниот Национален џез-оркестар институционално да се смести во зградата на Филхармонијата. Пред почетокот на концертот пред публиката се обрати Ана Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот, а истата порака на англиски јазик ја прочита и диригентот Џорџ Џексон од Англија. „Нашата борба да си го зачуваме просторот за работа нема да запре сè додека не се промени одлуката за просторно сместување на уште една институција во објектот кој наменски е изграден за да ги задоволи потребите на вработените во Македонската филхармонија. Гордо сме исправени пред предизвикот, ќе истраеме во нашата борба! Тоа им го должиме на публиката, на нашите колеги, кои никогаш немаа можност да отсвират ниту еден тон во новата сала, но и на сегашните и идните генерации што ќе бидат дел од овој оркестар, кој следната година прославува 80 години од формирањето! Музиката е единствена вистина за нас, таа е наша животна определба, а оваа сала е наш втор дом!“, гласеше пораката испратена до сите присутни на синоќешниот концерт.
Comments