top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Војдан Чернодрински“ одбележи 73 години од формирањето

Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Декамерон“, според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, одбележи 73 години од формирањето. Драматизацијата на „Декамерон“ е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е од Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театарот „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски–Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

„Декамерон“ е претстава што ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. Претстава што стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – велат од ЦК „Марко Цепенков“.

Првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински е „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, премиерно изведена на 18.2 во 1950 година. Оттогаш се прикажани околу 370 премиери, изиграни се над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милион луѓе. Најгледани и најиграни претстави во 73-годишното постоење се „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, и „Од кол на кол“ исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.

Разните генерации актери низ годините нижеле успеси, а ансамблот се збогатувал со искуство. А денес повторно, поради пензионирање на четворица актери, е намален ансамблот. Треба да се примат повторно актери, кои и онака се дел од театарот, а се хонорарно ангажирани.

Важно за прилепскиот театар е дека низ годините постигнал голем успех со претстави како „Колобан“, „Спиро Црне“, „Арсениј“, „Полковникот птица“, „Тапани во ноќта“, „Змејовата невеста“, „Клетници“… Во досегашната историја театарот освоил голем број награди на фестивали, меѓу кои на МТФ „Војдан Чернодрински“, на Експонто во Љубљана, на МЕСС во Сараево, на „Ристо Шишков“, во Никшиќ…

Театарот низ годините изведувал праизведби на текстови од македонски драмски автори. Тука за првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески… Поставени се текстови од околу 140 автори, а најмногу се играни драмски дела од Васил Иљоски, Коле Чашуле, Миле Попоски, Брешан, Благоја Ристески–Платнар, Голдони, Гогољ, Њушиќ.


1 view

Comments


bottom of page