Востаничката власт во Крушево издржала десетина дена
ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (7)
Причините за избувнувањето на востанието и минималните политичките барања на Организацијата се изнесени во Декларацијата што од името на ЦК на ТМОРО ја објавило задграничното претставништво, по објавувањето на востанието. Со неа се бара: 1. назначување, во согласност со големите сили, еден главен управник за христијаните, кој никогаш не припаѓал на турската администрација и кој ќе биде независен од Високата Порта во исполнувањето на своите должности; и 2. создавање една постојана колективна меѓународна контрола со широки права на санкции. Со оглед на фактот дека текот на востанието и востаничките дејства од разни аспекти, дури и до детали се опфатени во постојната литература, во овој прилог ќе се задоволиме со сумарно констатирање на некои општи состојби. Според одлуката на ГШ, востанието во Битолскиот револуционерен округ започнало со паѓањето на ноќта 2 спроти трети август 1903 година на празникот Св. Илија. Тоа било објавено со читање на Прогласот пред четите, со држење свечени говори, свечено осветување на востаничките знамиња, палење востанички огнови, прекинување на телефонските и телеграфските линии, напади врз беговски кули и чифлизи, напади врз истурените османлиски гарнизони, како и напади врз населени места. Иако според планот било предвидено востанието да има партизански карактер, тоа на многу места прераснало во масовно востание поради вклучувањето на населението во него. Вклучувањето на населението ги отежнало положбата и мобилноста на четите, бидејќи требало да поведат сметка за заштита на неборечкото население. Од друга страна, тоа е во спротивност со концептот за долготрајно востание. Независно од тоа што османлиските власти во очекување на востанието од почетокот на 1903 година презеле низа превентивни мерки, а од фатениот повик дури го дознале и датумот кога тоа ќе биде објавено, останува впечатокот дека првите десетина дена поминале во знак на востаничката иницијатива во поголемиот дел од Битолскиот револуционерен округ. Притоа биле ослободени повеќе населени места, а меѓу нив и планинските гратчиња: Крушево, Невеска и Клисура. Покрај тоа, востаничката доминација силно се чувствувала во Демирхисарско, Кичевско, Охридско, Костурско и во Леринско, каде што биле ослободени повеќе села. Највпечатлив бил востаничкиот успех во Крушево, кое било ослободено на 3 август. Во него била организирана привремена граѓанска власт, под покровителство на востаничките сили. Во врска со тоа романскиот весник „Тара“ на 3/16 август 1903 година пишува: „револуционерите во Крушево прогласија Привремена влада, призната од населението“, додека романскиот весник „Адеврул“ на 18 август пишува за „Прогласување Република“. Привремената востаничка власт во Крушево во македонската историографија, но и во свеста на македонскиот народ е прифатена како „Крушевска Република“.
Комплетната организација на граѓанската и востаничката власт во Крушево била творба на реонскиот началник Никола Карев. Во градот бил формиран совет од 60 члена и шестчлена „привремена влада“. Истовремено биле преземени мерки за зацврстување на одбраната на градот, за обезбедување на исхраната на населението и на востаниците и за одржување на јавниот ред. Покрај тоа била отворена работилница за поправка на оружје и за леење куршуми. Истовремено во градот биле организирани повеќе револуционерни манифестации. За неутрализирање на населението од соседните муслимански села до нив била испратена специјална Прокламација, која во литературата најчесто се претставува како „Крушевски манифест“. Овој документ (чиј оригинал досега не е пронајден, туку ни е познат според верзијата на Никола Киров Мајски), претставува своевидна декларација за целите на востанието, а тоа е „Автономија на Македонија“, како заедничка татковина на сите, без разлика на нивната верска и етничка припадност. Востаничката власт во Крушево издржала десетина дена. На 11 август, османлиите го опколиле градот во кој имало околу 1.200 востаници. На 12 август османлиските сили испратиле ултиматум за предавање на градот. Откако востаниците го отфрлиле ултиматумот, започнале борби што траеле до доцна во ноќта. Притоа отпорот бил скршен, но главнината од востаничките сили успеала да се извлече, благодарение на целосната саможртва на еден одред кај месноста Слива. Последната драма се одиграла кај месноста Мечкин Камен под водство на легендарниот војвода Питу Гули, кој ја одбил наредбата за повлекување и останал да се бори до крајот, до последен борец. Во меѓувреме градот бил подложен на силен артилериски оган. Следниот ден, османлиските сили влегле во градот, кој бил подложен на палење, пљачкосување, убивање и силување. Крушево скапо го платило обидот за слобода. Слична судбина доживеале многу села во Битолскиот вилает, кои во настојувањата за достоен живот и човекови права во името на „автономна Македонија“ востанале против султанот. Востанието во Битолскиот револуционерен округ иако било очекувано ги затекло османлиските власти недоволно координирани, или барем без соодветна стратегија и концепција за негово брзо неутрализирање. Овој впечаток особено е неизбежен за првите денови од востанието, кога иницијативата ја имале востаниците. Во почетокот на востанието, првичните интервенции на воените сили од градските гарнизони биле насочени кон укажување помош и извлекување на истурените гарнизони од помалите места. Истите тие независно од исходот на судирите брзо се повлекувале во градовите, патем задоволувајќи се со потпалување на некое село. Очигледно властите во прво време стравувале од напади на поголемите градови, па затоа во нив настојувале да држат големи воени единици, а тоа им дало шанси на востаниците да ја преземат иницијативата и да воспостават делумна контрола во одредени региони. Положбата значително се променила по 10-11 август, кога во Битолскиот вилает биле донесени значајни воени ефективи од Косовскиот вилает. Оттука следувало паѓањето на Крушево. Набрзо потоа главниот командант на османлиските сили во Битолскиот вилает – Омер Ружди-паша, бил сменет, а на негово место бил поставен Насер-паша, кој за кратко време подготвил ефективен план за систематско задушување на востанието. Планот на Насер-паша предвидувал систематско опколување на востаничките центри со големи воени кордони, кои со стегањето на обрачот кон центарот требало да ги разбијат и да ги уништат востаниците.
Со оглед на фактот дека востаничките сили често успешно се извлекувале од обрачите и одново се појавувале зад нивниот тил или во нови реони, војските за да избегнат долготрајната герилска војна по планините пристапиле кон масовно палање на селата и жесток терор врз цивилното население. Всушност тоа бил единствениот начин да се принудат востаниците на капитулација. За власта било битно востанието да се задуши за кратко време, а со тоа да ѝ се одземат аргументите на дипломатијата за повторно отворање на македонското прашање.
Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
Comments