Ворнер: Уживам во сè што нуди Аеродром, дојдов за победи и титули
01.09.2026 Septemvri Vtornik
Лесни Ворнер е еден од главните адути на МЗТ Скопје за новата сезона, искусен играч кој треба да помогне во остварување на целите.
Тој во македонскиот првак пристигна од Литванија со тоа што истата сезона настапуваше во Грција, па имал одредени информации каде доаѓа.
-Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство. Но, немав детални информации, па сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период.
-Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома, вели Ворнер кој очекува успешна сезона.
-Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба.
-Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам — затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции.
-Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава, -истакна Американецот за официјално веб сајт на клубот.
МЗТ утре заминува за Гевгелија на мини-камп, кој ќе кулминира в недела (6 септември) со првиот контролен натпревар против Кожув.







Comments