top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Вон: Сакам да помогнам со совети за менталното здравје

Американката Линдзи Вон, најуспешната скијачка на сите времиња со 82 победи во Светскиот куп (СК) и олимписка шампионка во спуст од Ванкувер 2010 година, се повлече во 2019 година. Таа во колумната за агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) ги наведува менталните предизвици со кои се соочила по повлекувањето од скијањето. Нејзините нови мемоари „Подем, мојата приказна“ ќе бидат објавени во јануари.

„Со приближувањето на Зимските олимписки игри, скијањето пак ме возбудува. Веројатно се прашувате: Зарем не треба секогаш да си возбудена со скијањето? Па, тоа не е толку едноставно. Кога се пензионирав пред речиси три години, тоа не беше затоа што бев подготвена да престанам да скијам. Тоа беше затоа што моето тело попушти. Моите хируршки поправени колена не можеа да се справат со напорот да се спуштам низ планината со брзина од над 100 км/час. Речиси една година откако се пензионирав, не можев да гледам скијање, ми беше премногу депресивно. Беше тешко да се насочам кон пензионирањето. Очигледно, отсекогаш знаев дека ќе се случи тоа, секој спортист има крајна точка. По пензионирањето, одвоив една недела за себе, а потоа почнав да следам настани и да одам на работа. Бев позафатена од кога било. Но само затоа што без зафатена со работа не значи дека транзицијата беше лесна. Беше тешко. Тоа беше нова рутина што не беше диктирана од или околу скијањето. Од менталните до физичките искушенија, отсекогаш го користев скијањето како излез, без разлика што се случуваше, можев да се повлечам на планината. Тоа беше моето среќно место, за медитација и за бегство. Затоа беше тешко кога скијањето веќе го немаше. Морав да најдам поинаков начин ментално да ги средам работите. Веќе немав можност за скијање. Немав ’следна трка‘ или ’следна сезона‘. Морав да создадам нови цели, со различни опипливи и различни временски рокови. Ми требаше време да си го најдам своето место. Сега, ми се допаѓа што можам да дадам поддршка и повратни информации за оние што минуваат низ секаков вид враќање, и ментално и физичко. И најдов начин да се поврзам со скијањето (и со скијачите) на друго ниво. Пред и за време на светското првенство минатата сезона во Кортина д’Ампецо, во Италија, гледав видео со Бризи Џонсон и се обидов да ѝ помогнам на кој било начин. Мислам дека Бризи доста ја има вклучено менталната страна во сето тоа. Но знам дека таа знае оти јас сум секогаш тука ако ѝ требам. Истото е и со другите девојки од тимот на САД.

Потоа, тука е Италијанката Софија Гоџа, која е актуелна олимписка шампионка во спуст. Како и јас, и Софија се бореше од еден тон повреди во кариерата. Кога е здрава, никоја не е побрза од неа. Таа имаше многу проблеми во животот, а јас ѝ помогнав многу претходниве неколку години. Таа е многу добра скијачка и мислам дека имаме многу сличности во начинот на кој им пристапуваме на работите. Сакам да ги охрабрам скијач(к)ите од сегашната и од следната генерација да побараат помош кога им е потребна. Научив како сама да се справам со многу од овие работи. Јас сѐ чував во себе, како во шише. Кога бев тинејџерка, менталното здравје не беше тема за дискусија, и дефинитивно имаше, и сѐ уште постои, стигма за тоа. Но во денешно време има многу добри луѓе што се подготвени да помогнат, има толку многу ресурси.

Посегнете по таа рака. Посакувам јас да имав такви можности. Нема причина да се чувствувате сами во вашите борби. Деновиве, мојот најголем предизвик е извршување повеќе задачи и балансирање на различните обврски. Јас сум партнер во два различни фонда за ризичен капитал. Советник сум на неколку компании, дизајнирам и облека за скијање. Имам многу работа, но сега нема толкав притисок врз мене однадвор, сега поголем притисок јас си ставам врз себе. Всушност, тоа е исто како кога се тркав. Најголемиот притисок што некогаш бил врз мене бил од мене. За среќа, сега знам дека не сум сама“, пишува Вон за АП.


2 views

Comentarios


bottom of page