top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Возобновената „Млада Струга“ на СВП за Филипа Сара Попова; За необјавената стихозбирка „Скршен терариум“

08.07.2024 juli Ppnedelnik

Филипа Сара Попова е добитничка на наградата „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата за 2024 година за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“.

За наградата одлучуваше жири комисија во состав: Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади – членови, а свечениот настан на кој се објави добитникот на поетската награда „Млада Струга“ се одржа денес во просториите на Јуроп Хаус Струга.

„Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување. Но во тој „свет што се раѓа и распаѓа“ секој човек е еден мал свет, еден терариум во кој буи животот наспроти границата на стаклениот свод“, истакна претседателот на жири комисијата, истакнатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, во образложението на Одлуката за доделување на наградата.

Инаку, „Скршен терариум“ изобилува со асонанци, метонимии и речиси незабележлив, но исклучително важен ритам во пренесување на мотивот кој се проткајува низ целата стихозбирка и ја прави една компактна логичка целина. Филипа Сара Попова, пак, користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив. Од поетичка страна, Филипа Сара Попова го подражава драматичниот импулс на поетскиото битие и духот на современоста, дополнуваат од СВП.

Тодорче Тасевски, директорот на Струшките вечери на поезијата, пак, во своето обраќање истакна дека од оваа година, младите поети добиваат уште една можност, а тоа е возобновената поетска награда „Млада Струга“ којашто во минатото била желно исчекувана од поетите од помладата генерација.

„Наградата се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант, кој покрај паричниот износ, ја добива можноста стихозбирката да биде објавена во рамки на изданијата на Фестивалот, но исто така и можноста за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата. Особено ми е драго што оваа иницијатива беше препознаена и поддржана од Делегацијата на Европската Унија, која што преку Јуроп Хаус Струга, најмладата членка на мрежата на Јуроп Хаус се покровители, како на наградата ‘Млада Струга’, така и на наградата ‘Енхалон’. Ова е уште една потврда за тоа дека се поддржува креативноста на младите поети кои го збогатуваат европскиот културен мозаик, но се поддржуваат и Струшките вечери на поезијата како светски признат и познат Фестивал“, додаде Тасевски.

Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година беше распишан на 9 мај и беше отворен заклучно со 14 јуни. Оваа година наградата беше возобновена преку соработка на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите ‘Енхалон’ и ‘Млада Струга’ преку Јуроп Хаус-Струга, најновата членка на мрежата на Јуроп Хаус.

Филипа Сара Попова е родена 1998 година. Апсолвентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во 2022 година учествува на поетското читање Отскочна даска. Поезијата ѝ е објавена во антологиските збирки Рукописи 45 и Ново раѓање на зборот, како и на феминистичкиот портал Медуза и електронското списание Репер. Нејзини нефикциски текстови се објавени во студентските списанија In medias res и Мираж, како и на Репер и Окно.мк. Таа исто пишувала филмски рецензии кои се објавувани во електронското списание Гледај.мк и една во печатеното списание Портрет. (Н.И.Т.)


1 view

Comments


bottom of page