„Воведение на Пресвета Богородица“ е средновековна црква
10.07.2024 juli sreda
Знаменитостите на МакедонијаСо решението бр. 158 од 2 декември 1953 година, градбата била прогласена за споменик на културата од страна на тогашниот Централен завод од Скопје. На местото е извршено истражување од страна на Музејот на Македонија, под раководство на Димче Коцо, и се пронајдени остатоци од средновековната црква
„Воведение на Пресвета Богородица“ (позната и како Света Богородица – Пречиста) е средновековна црква и археолошко наоѓалиште во селото Враништа, во чиј двор се наоѓаат и селските гробишта. Прогласена е за културно наследство на Македонија. Лоцирана е на крајниот северен дел од селото, десно од патот што води до селото Ложани.
Фото: Darkocv
Фото: Darkocv
Северно од селото Враништа се наоѓаат остатоци од манастир. Храмот бил посветен на „Пречистa“ т.е. Света Богородица Вранишка. Храмот е изграден во 11 век. Дебелите ѕидови на овој храм се изградени од камен бигор, кој е носен од селото Вишни, кое се наоѓа на планината Јабланица. По овие остатоци се гледа дека тоа бил голем и доста познат манастир. Денешните жители ја нарекуваат оваа знаменитост кралска црква.Со решението бр. 158 од 2 декември 1953 година, градбата била прогласена за споменик на културата од страна на тогашниот Централен завод од Скопје. На местото е извршено истражување од страна на Музејот на Македонија, под раководство на Димче Коцо, и се пронајдени остатоци од средновековната црква.
Оваа црква била разрушена и останати се делови од олтарниот простор, кои западно се повторно изѕидани со камен, со цел да се добие целина. Денешните остатоци претставуваат една мала правоаголна градба, која е покриена со ќерамиди на сите четири страни, и во која се влегува преку јужен влез. Во внатрешноста нема фрески, додека на таванот е поставена дрвена ламперија. Пред источната апсида е изграден ѕид од камен, со врата на средината и простор за влегување од северната страна, а на него се поставени повеќе репродукции на икони. Д.Ст.
Фото: DarkocvВраништа
Враништа е село во областа Дримкол, во Општина Струга, на патот помеѓу градовите Струга и Дебар. Селото е рамничарско, на надморска височина од 700 метри. Дел од селото се наоѓа на самиот регионален пат Струга – Дебар. Поради близината на селото до Струга, ова големо село припаѓа на руралната зона на градот.
Кај народот постои едно предание дека Враништа некогаш имало повеќе население т.е. наликувало на град. Жителите на тој град годишно приредувале и по 70 свадби. Во Враништа постоеле и значаен манастир и неколку цркви. Денешна Струга, која се наоѓала јужно од Враништа, тогаш не била значајна населба бидејќи се состоела од само неколку рибарски колиби. Меѓутоа подоцна, за време на владеењето на Турците, селото Враништа поради некоја непозната причина пропаднало. Според легендата се смета дека населението изумрело од чума, а бидејќи немало кој да ги закопа телата на изумрените ги колвеле враните (од тука е дојдено и името Враништа – врани).
Денешното село е основано од доселени македонски семејства, кои дошле да ја обработуваат земјата на турските чифлизи. Од семејствата се смета дека најстари се Миновци, Марковци, Ничевци и Мацевци и за нив се вели дека се „први по старост во селото“. Нивното населување е извршено најверојатно во 18 век. По нив се населени предците на преостанатите денешни селски семејства. Д.Ст.
Comments