Во Центар-Јадро: Изложба на уметничкиот проект „Човеколики неволји“
Во Центар-Јадро, на 13 февруари (20 часот), ќе биде отворена изложба на уметничкиот проект „Човеколики неволји“. Проектот е составен од видеоперформанс, звучен пејзаж и инсталација. Авторка е Ивана Мирчевска, а учествуваат и Ангела Манчевска, Дијана Велковска, Ивана Самадова, Јован Гаковски, Кристијан Стефановски, Риџет Ферати и Кристина Крстеска.
„Преземајќи ја оптиката на Земјата како историска фигура и дискурзивно битие, проектот се повикува на локалните еколошки предизвици, истражувајќи ги проблематичните граници меѓу формите создадени од човекот и нечовечките нешта. ‘Човеколкиувањето’ или антропоморфизирањето претставува културна практика на припишување човечки карактеристики на Земјата, најчесто женски атрибути, однесувања и појави. Всушност, денешниот дискурс кој ја објаснува тековната состојба на Земјата преку поимот на ‘Антропоцен’ (ера во која човечкото влијание доминира врз природниот тек на процесите на природата) има човечки лик“, се вели во најавата на изложбата.
Проектот поаѓа од интеракцијата на учесниците со нивните нечовечки алтерега: водени тела, воздух, обликоменувач, мицелиумска мрежа, почва, коски и желка. Истражувајќи форми на меѓутелесна комуникација, вмрежување и заедништво, помеѓу учесниците и алтерегата, како и помеѓу алтерегата кога дејствуваат заедно, проектот обработува разни форми на уметнички процес и продукција, проследени со посета на локални индустриски урнатини (поранешната фабрика „Стаклара“ и населбата „Ќерамидница“), антропогените шуми како Гази Баба и Марково Крувче, неолитската населба Tумба Маџари, базенот на Езерото Треска и пермакултурната градина Бостание…
Соработници се Ишјан Твин, Маја Цибрева, Амир Карахасан.
Comments