Во Струмица вечер почнуваат осумдневни карневалски празнувања
Клучот на градот Струмица, од вечерва па во наредните осум дена ќе биде во рацете на учесниците на традиционалниот „Струмички карневал“, кој секоја година привлекува огромен број посетители не само од државата туку и од странство.
Струмичани, но и сите посетители на градот од вчера имаат можност да ја проследат изложбата на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“, која веќе 30 години е дел од карневалот.
Утре (23 февруари) дел од програмата се два настани, концерт на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, а ќе се објават и резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.
Традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер (25 февруари 18:30 ч.) ќе се случи ден претходно -на 24 февруари.
„Имаме солидна бројка на пријавени од 41 учесници-групи. Најголем дел се домашни учесници, а им се придружуваат и групни маски од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција, како и од повеќе градови во државата. И оваа година како гости ќе бидат присутни и претставници на FECC од неколку европски земји“, изјави неодамна на прес-конференција градоначалникот Костадин Костадинов. Инаку, празникот Прочка (26 февруари) е резервиран за Детскиот карневал. Овој ден, најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист понеделник (27 февруари) карневалските празнувања ќе продолжат со варење и консумирање на традиционалниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми, на која ќе бидат доделени наградите на најуспешните учесници. Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.
Годинешново издание на Струмичкиот карневал завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на „Распеани струмичани“, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на учесниците.
Comments