Во режија на Нина Николиќ премиерно пред скопската публика: „Нема да биде крај на светот“ – претстав
26.11.2021 Noemvri Petok
„Сите три лика од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет“, се вели во најавата за претставата „Нема да биде крај на светот“ која премиерно ќе се одигра пред скопската публика на 27 ноември (20 часот), на малата сцена на МНТ
Претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ премиерно ќе се одигра пред скопската публика на 27 ноември, со почеток во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар, а во рамки на театарскиот фестивал МОТ. Изведбата на претставата се случува по нејзината премиера во Сараевскиот ратни театар – САРТР на 18 септември.
Станува збор за драма која се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет…
„Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други. Според авторот се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата ‘крај на светот’ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални ‘краеви на светови’. Секој од нас носи некој свој ‘крај’. И тој не е ни малку поневажен од општиот крај на светот. А историјата нѐ учи – светот секогаш ќе постои во некаков облик, со или без нас. И затоа, додека сѐ уште можеме, да зборуваме повеќе за нас – за нашата сила, онаа индивидуалната, но и за потребата од другите со цел да се изгради некој нов, појак, интимен свет во кој нема да ни биде страв да зборуваме за кршењата. Тие се тука за да ни дадат сила секогаш да почнуваме од почеток…“, посочуваат од МНТ кон претставата.
За режисерката Нина Николиќ за претставата особено бил важен и начинот на нејзината реализација. „Она што е според мене најважно за ‘Нема да биде крај не светот’ е начинот на кој дојде до нејзината рализација. Пред околу 6 месеци, заедно со актерите дојдовме на идеја да направиме заеднички проект кој ќе може да се игра и покрај рестрикциите наметнати од актуалната ситуација во светот. Потоа, Џана го предложи овој текст на Аднан Лугониќ, кој уште на првото читање го прифативме како свој… Следеше процес на онлајн проби, реализација на мизансценски проби за време на летото, изработка на сценографија и костимографија, премиера на претставата во САРТР, а еве сега скопска премиера во рамките на МОТ. Оваа претстава немаше да биде можна без бескомпромисната предаденост на секој член на оваа мала авторска екипа, без поддршката на управата на МНТ и САРТР, како и без преданата работа на оние зад сцената, земајќи предвид дека таа е направена без никаква финансиска поддршка“, изјави за весникот ВЕЧЕР режисерката Николиќ.
Инаку, „Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјална награда за режија, наградата за најдобра актерка и актер како и специјална награда за актерска игра.
Претставата се игра на македонски и на босански јазик, и е во продукција на Перипетија продукција – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР. Костимографијата е на Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценограф е Ангел Петровски, изборот на музиката и адаптацијата се на Оливер Митковски, (во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски), а соработник за македонски јазик е Ѓорѓи Јолевски.
Скопската премиера на претставата претходно беше закажана за 24 ноември, но заради големата сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија на 23 ноември и прогласената тродневна жалост во нашата земја, таа беше одложена за оваа сабота. Нејзините закажани репризни изведби се откажани. (Н.И.Т.)
Comments