Во пустината на САД ќе се гради нов град
02.11.2021 Noemvri Vtornik
Чистотата на Токио, разновидноста на Њујорк и социјални услуги како во Стокхолм – тоа е визијата на Телосa, новиот град во САД, претставен од милијардерот Марк Лоре. Поранешниот извршен директор на компанијата „Волмарт“ неодамна ги претстави плановите за Телосa, одржлива метропола, која се надева дека ќе ја создаде од нула во пустината на САД.
Амбициозниот предлог на 150.000 хектари ветува еколошка архитектура, одржливо производство на енергија и, наводно, водоотпорен систем отпорен на суша. Иако планерите сѐ уште бараат локации, можни се Невада, Јута, Ајдахо, Аризона, Тексас и регионот Апалачи, според официјалната веб-страница на проектот, пренесува „Си-ен-ен“.
Објавата беше придружена со серија илустрации на „Бјарк ингелс груп“, архитектонска фирма ангажирана да го оживее утопискиот сон на милијардерот.
На сликите на проектот се прикажани станбени згради покриени со зеленило и имагинарни жители што уживаат во изобилството на отворен простор. Со забраната за возила на фосилни горива во градот, замислени се автономни возила што се движат по сончеви улици заедно со скутери и пешаци. Друга слика покажува предлог на облакодер, наречен „Еквитизам тауер“, кој е опишан како „светилник на градот“. Зградата има складиште за вода, аеропонска фарма и фотоволтаичен покрив за производство на енергија, што овозможува да споделува и дистрибуира сѐ што произведува.
Првата фаза од изградбата, во која би се сместиле 50.000 жители на 1.500 акри, се проценува на 25 милијарди долари. Се очекува целиот проект да надмине 400 милијарди долари, а градот треба да достигне целно население од 5 милиони жители во рок од 40 години. Планерите се надеваат дека првите жители ќе се вселат до 2030 година.
Покрај иновативниот урбан дизајн, проектот ветува транспарентно владеење и она што се нарекува „нов модел на општество“. Земајќи го своето име од старогрчкиот збор „телос“ (термин што го користи филозофот Аристотел за да опише својствена или повисока цел), градот ќе им овозможи на жителите да учествуваат во процесот на донесување одлуки и буџетирање. Заедницата, во меѓувреме, ќе им понуди на жителите заедничка сопственост на земјиштето.
Comments