Во Прилеп се славеше најдоброто од македонскиот театар – Татка, џам свиткавме!
Големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше полна до последно место, а присутните на овој, еден од најреномираните и најпознатите театарски фестивали во државата, уживаше во секоја одиграна претстава. Прилепската публика секогаш знаеше да даде свој коментар и да награди со бурен аплауз се што е добро, а така беше и овој пат. “Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансов на годинешниов фестивал…“, истакна истакна меѓу другото Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот на последната вечер на која беа доделени и наградите за најдобрите. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби лауреатот за најдобра машка улога Дамјан Цветановски, кој наградата му ја посвети на татко му Владо Цветановски-Каначката: Татка, џам свиткавме!
Со претставата „Последниот балкански вампир“, според текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски, како и со доделување на наградите, заврши 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Претставата во изведба на Српското народно позориште од Нови Сад која имаше премиера пред еден месец, со нетрпение беше дочекана од прилепската фестивалска публика која впрочем, со огромен интерес ги проследи и сите останати десет театарски изведби во официјална конкуренција во текот на годинешниов фестивал. Големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше полна до последно место, а присутните на овој најреномиран и најстар национален фестивал на театарската уметност, уживаше во секоја одиграна претстава.
Прилепската публика секогаш знае да даде свој коментар и да награди со бурен аплауз се што е добро, а така беше и овој пат. „Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансов на годинешниов фестивал… Во моментот кога го замислив фестивалов, знаев дека сама нема да можам да го реализирам, за тоа му благодарам на целиот колектив од Центарот, на сите волонтери и пред сè на мојот одличен тим, без кој овој фестивал немаше да биде ова што го гледавте претходниве денови низ Прилеп… Мене ми е важно да го славиме театарот и пред сè, нашата заедничка креативна работа. Ние не застануваме тука, моја цел е фестивалот да живее секој ден, секоја недела, секој месец, цела година!”, истакна меѓу другото Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ на последната вечер во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на која беа доделени наградите за најдобрите.
За наградите одлучуваше меѓународното жири во состав на: Јанко Љумовиќ, претседател, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови. Сите театарски уметници кои дојдоа во Прилеп по своите признанија ги примија своите награди со радост, многу емоции и благодарност. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби актерот Дамјан Цветановски, кој ја доби наградата за машка улога за ликот на Кристофер во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар.
„Им благодарам на целиот тим на Драмски што сакавме да направиме нешто значајно и мислам дека во некој дел од тоа успеавме. Ѝ благодарам на режисерката Зоја Бузалковска што ми ја даде оваа одговорност и имаше храброст да ми ја укаже оваа прилика и да не се плаши за тоа што ќе направиме заедно. Да се заблагодарам на мајка ми, брат ми и на крајот да му се заблагодарам на човекот кому ја посветувам оваа награда – Владе Цветановски-Каначката, човекот што ме вдахнови со оваа љубов што ја имам за театарот, само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме!”, рече Цветановски.
Наградата за најдобро остварување на фестивалот ја доби Народниот театар од Битола за „My Name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват. Наградата ја прими Иван Јерчиќ, актер и директор на театарот.
„Во Битола многу сакаме награди, се трудиме и работиме многу. Благодарам на жирито, кое беше составено од вистински театарски ‘тешкаши’ во вистинска смисла на зборот кое ја препозна идејата дека ние сакаме да работиме современ театар што ќе кореспондира со денешницата, ќе биде свеж, ќе поставува прашања”, рече Јерчиќ. За истата претстава, актерката Илина Чоревска ја доби наградата за најдобра женска улога за ликот на Медеја.
„Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата која доаѓа во мој тежок животен период”, рече Чоревска. Годинешново 57. издание на фестивалот годинава понуди богата програма со претстави во официјална програма, публиката проследи пет претстави од независната продукција што игра домашен автор, дипломски претстави, многу разговори, дискусии за претставите, промоции на книги.
Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ беа Министерството за култура и Општина Прилеп. (Д.Т.)
Comments