top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во подготовка поетската книга ,,1.200 молитви“ за Тоше Проески

Во тек е подготовка на книга за Тоше Проески, која ќе го носи насловот ,,1.200 молитви“, колку што ќе има песни во неа од разни автори. Секој што напишал песна за балканскиот пејач ќе може да ја испрати до Маријана Митревска, која е иницијаторка и организаторка на целиот проект. Таа на социјалните мрежи веќе ги повика заинтересираните да ги испраќаат песните, чиј број не е ограничен. – За реализација на овој проект се потребни многу трпение, време и посветеност, но се надевам дека заедно со обожавателите на Тоше ќе успеам да ја доведам докрај мојата замисла. Средствата од продажбата на книгата ќе се донираат за доизградба на манастирот на Тоше, „Свето Преображение“, во близината на Крушево – вели Митревска. Таа ни откри дека Тоше е нејзина голема инспирација и поттик да издаде две свои книги, ,,Сите мои песни“ за возрасни и ,,Учиме со песна“ за деца, која ја подарува за дечињата без родители и во центарот за деца со посебни потреби во Крушево, Битола и во Ресен. – Посетата на Крушево и на манастирот „Свето Преображение“ само ја разгоре мојата желба да се направи културен настан во чест на Тоше, но поради ситуацијата со ковид-19 не беше возможно да се реализира лани, па остана само можноста за печатење книга.

Првичните реакции се одлични, а има и голема заинтересираност. Повеќето автори, афирмирани или неафирмирани, ги пишувале песните со голема љубов кон Проески, но досега немале можност каде да ги достават, освен да ги споделуваат на социјалните мрежи. Јас го запознав Тоше кога настапи во Ресен на почетокот на кариерата. Јас имав осум, а тој 18 години. Тоа беше нашата единствена средба – се сеќава Маријана. Митревска живее и твори во Ресен, а по професија е лиценцирана медицинска сестра и дипломирана техничарка по очна оптика. Нејзините песни се наградувани во Македонија, но и во светот, а во моментов е една од трите финалистки од нашата земја со директен влез во финале на најголемата онлајн поетска манифестација ,,Мили дуели“ во Босна и Херцеговина, за која имаше апликации дури од 52 земји. Освен поезија, пишува и текстови на компонирана музика. – Засега сакам да се претставам во добро светло во финалето на меѓународниот поетски натпревар на „Мили дуели“ и чест ми е што ја претставувам нашата земја, а во меѓувреме со целиот креативен жар ќе се посветам на книгата ,,1.200 молитви“ за нашиот Тоше – додава Митревска.



1 view

Комментарии


bottom of page