Во повеќеслојна некропола во Струмица oткриени гробови на двајца познати струмички војводи
„Успеавме да откриеме неколку ѕидани гробови со тули, варов малтер и со камени плочи. Според градежниот материјал, ние ги датираме некаде на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Односно, ова се, најверојатно, последните погребувања што биле извршени на оваа локација. Битен момент што сакам да го нагласам е дека во оваа некропола, меѓу другото, биле погребани и двајца струмички војводи, односно Крсто Новоселски и Костадин Самарџиев-Џемето“, вели д-р Душко Цветанов, археолог
Во една од најстарите некрополи во градот Струмица биле погребани и двајца војводи. Ова го покажуваат најновите наоди на археолозите од струмичкиот Завод и музеј добиени од истражувањата на просторот околу средновековната црква што се наоѓа на ридот над градот. Во повеќеслојната некропола, која била активна цели седум века, почнувајќи од тринаесеттиот, па сè до почетокот на дваесеттиот век, годинава се откриени и неколку ѕидани гробови, за кои се претпоставува дека се на војводите Крсто Новоселски и Костадин Самарџиев-Џемето.
„Успеавме да откриеме неколку ѕидани гробови со тули, варов малтер и со камени плочи. Според градежниот материјал, ние ги датираме некаде на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Односно, ова се, најверојатно, последните погребувања што биле извршени на оваа локација. Битен момент што сакам да го нагласам е дека во оваа некропола, меѓу другото, биле погребани и двајца струмички војводи, односно Крсто Новоселски и Костадин Самарџиев-Џемето. Пред дваесетина години, во нивна чест, во нивни помен се подигнати два кенотафни гроба, т.е. празни гробови, но не знаеме каде е точната локација. Со овогодишните истражувања откривме неколку гроба од тој период, ѕидани со тула, со варов малтер и со камени плочи. Нашата претпоставка оди во таа насока дека, најверојатно, овие гробови се токму на овие струмички војводи“, вели д-р Душко Цветанов, археолог.
Остолошки материјал во гробовите не е откриен, но затоа во нив се пронајдени една пушка и боева муниција, што, според археологот Душко Цветанов, дополнително упатува дека токму на оваа локација биле погребани и војводите.
„Остолошки материјал внатре не најдовме. Најверојатно, била направена ексхумација на коските и биле пренесени на друга локација. На тоа алудира и еден наод што беше откриен во еден од гробовите, односно откривме една пушка мартинка, која е датирана крајот на 19 век и боева муниција, куршуми, што, најверојатно, според нас, упатува на тоа дека ова се гробовите на струмичките војводи и, најверојатно, овде биле и погребани, на оваа локација“, додава Цветанов.
Средновековната црква во чија околина се наоѓа и некрополата, беше откриена пред седум години во подножјето на локалитетот Цареви Кули. Се работи за црква од 13 век, која, според стручната јавност, дава јасна потврда дека Струмица бил еден од најзначајните духовни центри во средниот век на територијата на цела Македонија. Од минатата година, црквата е целосно конзервирана и подготвена за презентација на пошироката јавност, а истражувањата сега се насочени на просторот околу неа. (З.Ѓ.)
Comments